СНАП: „Дванаесетмината валкани“ кардинали кои би биле најлоши можни кандидати за папа
Четврток, 7 февруари 2013 – Врз основа на правни документи, медиумски извештаи и изјави на жртви, организацијата „Мрежа на жртви злоупотребувани од свештени лица“ (СНАП), објави список на „Дванаесетмината валкани“ кардинали, кои врз основа на нивниот став кон злоупотребувањата од страна на свештенството, би биле најлоши можни кандидати за папа, јави Си-Ен-Ен.
На списокот на организацијата СНАП се најде и контроверзниот кардинал Тимоти Долан од Њујорк, но неговиот портпарол не сакаше да ја коментира црната листа.
– Не сакам да одговарам на наводите на групата која нема никаков кредибилитет, изјави портпаролот Џизеф Звелинг.
За листата, коментар даде ватиканскиот портпарол Федерико Ломбарди.
– Сметаме дека СНАП не е тој што одлучува за тоа кој ќе дојде на конклавата и кој ќе биде избран. Кардиналите сами ќе одлучат за тоа без да ја прашаат СНАП за совет, рече Ломбарди.
Освен кардиналот Тимоти Долан на списокот се најдоа уште двајца Американци, Шон О’Мали од Бостон и Доналд Вуери од Вашингтон, потоа аргентинскиот кардинал Леонардо Сандри, Џорџ Пел од Австралија, Марк Квелет од Канада, Доминк Дука од Чешка, Петер Турксон од Гана, Оскар Родригез Марадиага од Хондурас, Тарцисио Бертоне и Анџело Скола од Италија и Норберто Ривера Карера од Мексико.
СНАП нагласува дека сите кардинали не се нашле на списокот поради затајување на случаите со сексуално злоупотребување на деца од страна на свештеници, туку има и такви кои на неа се ставени поради изјавите кои ги дале на таа тема.
Шестмина кардинали од оваа листа се најдоа и на списокот од 12 кардинали, кои имаат најмногу шанси за наследување на Престолот на Свети Петар (Долан, Сандри, Квелет, Турксон, Марадиага и Скола).