Со АКАДЕМИК ПРАКТИЧНА ОБУКА до сознанија за јавно-приватно партнерство и примената на законите од областа на концесијата и експропријацијата

Четврток, 27 февруари 2014 Во организација на АКАДЕМИК денеска и утре во деловниот центар „Зебра“ ќе се одржи дводневна практична обука на значајни теми од областа на јавно-приватно партнерство, примена на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство (ЈПП) како и за Законот за експропријација, неговите измени и постапки за експропријација и одредување на пазарна вредност на имот.

Елементите на договор на јавно-приватно партнерство, специфичните права и обврски на договорните страни во ЈПП како и за постапката за склучување, раскинување и судска заштита на првиот ден од обуката ќе ги образложи стручниот предавач, Снежана Петковска, раководител на Секторот за правни работи при Министерството за економија. 

Истиот ден, во вториот дел ќе се зборува за доделување на концесија, видови и уплата на концесиски надомест, како и за постапката пред склучување на договор за концесија, роковите и исполнувањата. Консултантот за Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, Мирослав Трајановски преку практични примери ќе ги појасни важните елементи, промените, раскинувањето на договорот за концесија, одземањето на концесијата, определувањето на надомест и судската заштита.

На вториот ден од дводневната обука, подетално за суштината на Законот за експропријација, неговите измени, самата постапка за експропријација и во одредувањето на пазарната вредност на имот, ќе говори Валентина Димитровска, помошник раководител во секторот за номативни правни и облигациони работи во Управата за имотно-правни работи.

Вториот дел е резервиран за примери што ќе ја дополнат сликата за примената на Законот за ексропријација. Примената на Законот ќе ја образложи Зоран Бојовски, раководител на одделение за првостепена управна постапка во Подрачно одделение за првостепена управна постапка.