/ Прочитано:

905

Со меѓународна соработка до ефикасна борба против корупцијата

Министерката за правда,  Рената Дескоска, се обрати на меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“.

Таа во своето обраќање потенцираше дека, без исклучок, како  криминален и социолошки феномен, и како морален и етички проблем, во различен вид и интензитет, корупцијата е присутна во сите држави.

„Сведоци сме дека транснационалниот организиран криминал, кој оди под рака со корупцијата, е сè позачестена појава, со сè пософистицирани облици на манифестација, што придонесува за прелевање на коруптивните појави од една во друга држава. Поради тоа, многу е јасно дека за успешна борба против корупцијата е потребна спрега од домашни и меѓународни активности, односно заеднички напори, и на домашен и на меѓународен план,“ истакна министерката Дескоска. Таа додаде дека меѓу стратешките приоритети на Владата на Република Македонија е преземањето интензивни активности  во насока на зајакнување на правниот и на институционалниот систем на земјата во насока на превенција и борба против корупцијата.

Министерката се задржа подетално на активностите што ги презема Република Македонија за превенција и репресија на корупцијата, како за националните така и за меѓународните превентивни и репресивни мерки, а со кои се јакнат меѓуинституционалната, регионалната и меѓународната соработка.

Во таа насока, таа информираше за домашната антикорупциска правна рамка која започна да се гради во 2002 година со усвојувањето на Законот за спречување на корупција и која е последователно надградувана во делот на превентивните и репресивните мерки, а во чиј составен дел спаѓаат и Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

Министерката Дескоска информираше дека во 2015 година,  домашната антикорупциска правна рамка е надополнета со Законот за заштита на укажувачи, со кој се воведуваат канали за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во институциите во јавниот сектор и заштитено внатрешно пријавување во правните лица во приватниот сектор, а чија примена започна во март 2016 година.

Потенцирајќи дека успехот во борбата против корупцијата зависи, пред сè, од органите и институциите кои се задолжени да се справуваат со неа, министерката информираше дека во Република Македонија се формирани специјализирани органи и тела за борба против корупцијата.

„Нема компромис, кога станува збор за корупцијата – мора да се бориме против неа. Во оваа борба сме поефикасни кога сме обединети. Меѓународната соработка може да помогне во поттикнувањето на волјата за борба против корупцијата и способноста да се бориме со неа“ – истакна министерката Дескоска.

Меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“ е во организација на Групата на држави на Совет на Европа – ГРЕКО и Министерството за правда на Република Хрватска и се одржува во Шибеник.

Меѓународна конференција за обединување во борбата против корупцијата

М.В