/ Прочитано:

1.953

Со нов модел за социјална помош, минимална плата и достоинствен приход до сеопфатна социјална заштита

Денеска во организација на Институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“ – Скопје се одржа Тркалезна маса „Иновации за сеопфатна социјална заштита: социјална помош, минимална плата, достоинствен приход“.

На денешниот настан говореа Никица Мојсоска-Блажевски од Универзитетот „Американ колеџ“, Софија Спасовска од Министерството за труд и социјална политика, Марјан Петрески од Универзитетот „Американ колеџ“ и Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човековите права.

Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“, истакна дека клучното прашање што се поставува за социјалната помош во Македонија е колку е ефикасен системот на социјална заштита и дека е потребно да се воведат модели што ќе го изменат сегашниот систем на социјална заштита, што всушност е и заложба и фокус на истражувањето на Институтот за економски истражувања и анализи „Фајнанс тинк“.

Во таа насока, на настанот беше потенцирано дека системот на социјална помош е значително фрагментиран и се состои од 16 различни видови помош, чие администрирање е комплексно и недоволно координирано, а тешко е да се утврди нивниот комбиниран ефект врз сиромаштијата. Слабиот ефект од системот на социјална помош врз сиромаштијата може да се припише на повеќе фактори, како што се: нискиот износ на помошта, недоволната информираност на најзагрозените лица за можноста за користење на помошта, можноста за подобрување на таргетирањето итн.

Системот за социјална заштита, образложи Никица Мојсоска-Блажевски, во моментов предвидува многу видови помош, тој не е универзален, поради што не може  целосно да се проценат ефектите.

„Системот на социјална заштита не ја постигнува целта за намалување на сиромаштијата бидејќи според статистичките податоци пензиите имаат најголемо влијание врз намалувањето, а не социјалните трансфери. Потребно е да се формира еден универзален паричен надомест кој ќе ги интегрира оние што постојат во моментот“, нагласи  Никица Мојсоска-Блажевски од Универзитетот „Американ колеџ“.

Според Марјан Петрески, досегашниот систем за социјална заштита не е доволен и потребен е нов модел преку кој би се намалила сиромаштијата за една третина, би се намалила и нееднаквоста на распределбата и би се овозможило извлекување од сиромаштија на најранливите категории без да се предизвика дисторзија на пазарот на труд. За спроведување на оваа реформа на годишно ниво се потребни 2,5 проценти од БДП или околу 250 милиони евра.

Целта на новиот дизајн или реформа за социјална помош е надминување на изнесените слабости преку воведување интегриран модел за гарантиран минимален доход. Гарантираниот минимален доход, истакна Петрески, е систем за обезбедување социјална помош кој гарантира дека сите граѓани или семејства имаат приход доволен за живеење доколку исполнуваат одредени услови.

„Подобноста обично се определува со државјанство, условеност од примање друг вид приход и достапност на пазарот на трудот или подготвеност за вршење услуги во заедницата. Примарна цел на гарантираниот минимален доход е да се намали сиромаштијата“, посочи Марјан Петрески.

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, говорејќи за социјалните проблеми со кои се соочуваат маргинализираните групи, нагласи дека резултатите од истражувањата на Комитетот се поразителни. Системот за социјална заштита, подвлече Чаловска, нема индивидуализиран пристап и не е фокусиран на индивидуалните потреби. Ова, појасни Чаловска, особено се однесува на лицата со хендикеп за кои има медицински наместо социјален пристап.

Во таа смисла, неопходно е да се акцентира значењето од вклучувањето на овие лица на пазарот на трудот и континуирано да се создаваат такви можности, особено и преку развој на социјалното претприемништво. Треба, нагласи Чаловска, што поскоро да се донесе Законот за социјално претприемништво, што ќе биде значаен исчекор за подобрувањето на состојбата.

Софија Спасовска од Министерството за труд и социјална политика, поздравувајќи ги дискусиите на говорниците, подвлече дека Министерството континуирано работи на овие реформи и нагласи дека голем дел од нив се интегрирани во реформските процеси. Клучна е и реформата, додаде Спасовска, токму во воспоставувањето на професионалната рехабилитација.

М.В