/ Прочитано:

1.230

Со новите законски измени за ветеринарно-медицинските препарати до поефикасно работење на компаниите

Основен приоритет на Агенцијата за храна и ветеринарство е заштита на здравјето и интересите на потрошувачите, истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, на прес-конференцијата што се одржа на во Стопанската комора на Македонија по повод измените и дополнувањата на Законот за ветеринарно-медицински  препарати.

Измените и дополнувањата на Законот за ветеринарно-медицински  препарати се одвиваат во две основни групи:

  1. подобрување на деловната клима со

– поедноставување на административните постапки и

– вршење одредени активности по службена линија, без оптоварување на операторите  и

  1. засилување на механизмите на заштита на потрошувачите со

– детално уредување на ставањето во промет, издавањето и употребата на ветеринарно -медицинските препарати;

– унапредување на обврските на професионалните лица;

– уредување на огласувањето на ветеринарно-медицинските  препарати;

– засилени контроли во областа на потенцијално фалсификувани ветеринарно-медицински  препарати;

– воспоставување на систем за собирање и анализа на податоците за прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати;

– воспоставување на национален центар за информирање за ветеринарно-медицинските препарати;

– обезбедување механизми за континуирано снабдување на пазарот;

– изработка на листа на есенцијални ветеринарно-медицински  препарати;

– програма за рационална употреба на ветеринарно-медицински препарати и

– програма за снабденост и достапност на ветеринарно-медицински  препарати.

Блажо Јаневски, раководител на сектор во Агенцијата за храна и ветеринарство, истакна дека административните постапки се олеснуваат и се скратуваат со директно преземање и проверка по службена линија на документацијата за нивно одобрување во земјите членки на ЕУ.

„За ветеринарно-медицинските препарати кои се употребуваат за третман на ретките болести нема да се наплатуваат трошоците за издавање одобрение за ставање во промет. Со наведеното се обезбедува нормална снабденост на пазарот со наведените производи за кои не постои комерцијален интерес на деловните субјекти“, истакна тој.

Увозот на ветеринарно-медицински препарати се олеснува со поедноставување на административната постапка и поврзување со прописите на царина. Увозот на ветеринарно-медицински препарати ќе се одобрува од страна на царинските служби во согласност со прописите за царина врз основа на Списокот на одобрени ветеринарно-медицински  препарати. Тоа практично значи дека нема да има потреба за чекање на посебен документ од Агенцијата и дека сите контроли ќе се спроведат по службена линија.

Со новите одредби, како што информираа од Агенцијата, се засилуваат законските одредби во однос на забраните за ставање во промет, издавање и употреба на ветеринарно-медицински  препарати.

Воедно и се зголемуваат обврските на професионалните лица кои ги ставаат во промет и ги користат ветеринарно-медицинските препарати (ветеринарните веледрогерии и ветеринарни друштва).

Ветеринарната комора на Република Македонија ќе ја одземе лиценцата за работа на носителот на дејност доколку се утврдат неправилности во однос на наведените ограничување на употреба.

Агенцијата ќе воспостави посебен систем на официјални контроли во однос на фалсификуваните ветеринарно-медицински препарати, систем на собирање податоци и пријавување за сомнение за фалсификувани производи и посебен систем на увид и официјална контрола при нивното отстранување од промет, информирањето на надлежните институции и ветеринарните друштва и нивното нештетно уништување.

Исто така, Агенцијата во наредниот период ќе воспостави систем за собирање и анализа на податоците за прометот и употребата на ветеринарно-медицинските препарати.

М.В