/ Прочитано:

964

Со отворени денови за граѓаните се одбележува Европскиот ден на правдата

Дваесет и петти октомври е Европски ден на граѓанската правда, кој секоја година се одбележува во европските држави. Целта на неговото одбележување во сите европски држави е правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување.

„Интенцијата за одбележување на Европскиот ден на правдата е на граѓаните во Европа да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области (семејно право, право на сопственост, наследување, договорно право, авторско право и сл.).

Иницијативата за одбележување на овој ден потекнува од Европската комисија и од Советот на Европа, кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави. Овој ден посебно се одбележува со организирање на отворени денови во судовите, средби на адвокатите, судиите, медијаторите, нотарите со граѓаните, давање информации и совети на граѓаните, симулации на судење, организирање на локални конференции и сл.

Како и секоја година, Македонија и оваа година се вклучува во одбележувањето на Европскиот ден на правдата.

По повод Европскиот ден на правдата – 25 октомври, Основниот кривичен суд Скопје денеска организира отворен ден на судот, на кој како гости ќе присуствуваат студентите од Правниот факултет „ Јустинијан Први“ – Скопје. На настанот ќе присуствуваат и претставници на медиумите, на невладините организации и на здруженијата кои ја следат работата на судот. Настанот во Кривичниот суд ќе започне во 11:30 часот.

Исто така, денеска и Основниот граѓански суд Скопје, по повод Европскиот ден на правдата организира отворен ден за учениците од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје, за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и за граѓаните на Република Северна Македонија.

Отворен ден за граѓаните има и во Управниот суд и во Вишиот управен суд. Отворени ќе бидат и канцеларијата на Адвокатската комора во Апелациониот суд, како и нотарските канцеларии.

„Адвокатската комора на РСМ на 25 октомври (петок) во Апелациониот суд Скопје, канцеларија бр. 43 (на првиот кат), од 10:00 до 14:00 часот организира отворен ден, на кој граѓаните на средби со адвокати ќе можат да се информираат за своите основни права во повеќе области“, соопштуваат од Адвокатката комора.

„По повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата, Нотарската комора на 25 октомври 2019 година организира отворен ден во нотарските канцеларии. Нотарската комора ги  поканува граѓаните одблизу да се запознаат со работата и со надлежностите на нотарската професија, како и со одговорноста што ја носи таа, потоа со постапките во кои би можеле да се најдат граѓаните пред нотарите, како и со други прашања поврзани со нотаријатот како институција која е дел од правосудниот систем во државата“, соопштуваат од Нотарската комора.

По повод денешниот ден Комората на медијатори и Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) денеска организираат настан „Медијацијата и бизнисот – бизнисот расте ако спорот се реши брзо“. Настанот ќе започне во хотелот „Арка“ во Скопје од 10:30 часот.

Исто така, по повод Европскиот ден на правдата, Коалицијата „Маргини“ и Здружението ЕСЕ денеска пред Кривичниот суд ќе одржат јавен настан за промоција на јавната свесност за пристап до правда.

Адвокатската комора организира отворен ден за граѓаните по повод Европскиот ден на правдата

Отворен ден во нотарските канцеларии по повод Европскиот ден на граѓанската правда

М.В