/ Прочитано:

1.151

Со паметни технологии до намалување на загадувањето

Здружена акција на приватниот и јавниот сектор за побрза транзиција и замена на старите возила со електрични возила, чија eмисија на јаглерод диоксид е нула проценти; итно справување со нелегалните бизниси за отпад, како и промовирање на стандардот за пасивни куќи, кој  претставува највисок енергетски стандард и ја намалува потрошувачката на енергија за греење до неверојатни 90%, се трите аспекти кои во согласност со анализите ќе влијаат долгорочно на намалување на  загаденоста на воздухот, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски, изјави дека според податоците на Меѓународната агенција за енергетика  објавени минатата година, за една година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал рекордно на 3,1 милиони возила, а се предвидува до 2030 година да има раст од 125 до 220 милиони електрични возила во светот. Во продажбата на електромобили во Европа предничи Германија, а веднаш потоа е Норвешка. Според податоците на Европската асоцијација на производители, продажбата на електрични возила во оваа држава лани се зголемила за 70 проценти.

„Во нашата земја, интересот за овој вид автомобили е мал. Според податоците на  Министерството за внатрешни работи, до октомври 2018 на подрачјето на Скопје се регистрирани вкупно 48 електрични возила.  Причини има повeќе, но генерално се цените на автомобилите, кои не секој граѓанин на Република Македонија може да си ги дозволи, но и недоволно развиена инфраструктура и недоволно полначи инсталирани за овој тип автомобили, кои без станици за полнење можат да издржат околу 100 километри. За таа цел потребна е заедничка акција на приватниот и јавниот сектор за стимулирање на набавка на ваков тип автомобили. Со новите измени во Законот за возила предвидено е воведување на субвенции за електрични и хибридни возила, дополнително се предлага по примерот на западноевропските земји, каде што е зголемена нивната употреба, да се имплементира поддршка во субвенционирани батерии и делови за електричните возила, како и  да се разгледа можноста за бесплатна регистрација, бесплатни патарини и паркинзи кои би биле дополнителен стимул и поволност за секој оној што ќе се одлучи за оваа опција. Ќе го наведам и примерот на Норвешка и Германија, со купувањето вакви возила добивате низа поволности, како: ослободување од данок на продажба на автомобили, не се плаќа такса за движење, со нив може бесплатно да се патува на траект,  ослободени се и од плаќање паркинг и бројни други поттикнувања за зголемување на нивното користење“, изјави Милошевски и додаде дека само со здружена акција, соработка со институциите и Фондот за иновации и со технолошки развој за поддршка на одредени проекти од овој тип може да очекуваме побрза транзиција.

Дополнително, направена е студија за оваа намена во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во која се предвидува до 2035 година, 40% од возилата да бидат електрични и за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден диоксид од транспортот преку стимулирање на овој тип автомобили.

Вториот аспект, кој во голема мера ќе го намали загадувањето, е итно справување со нелегалните бизниси за отпад, каде што се гори без дозвола, не се следат никакви стандарди и не се знае каде се испуштаат непознати материи во воздухот и во почвата.

„Со употребата на новите технологии особено со снимањето на теренот со помош на дронови институционално треба точно да се лоцираат можните диви отпади кои се големи загадувачи и кои на отворено неконтролирано палат отпад за понатаму да се преземат радикални чекори за нивно спречување. На тој начин лесно ќе се снимаат критичните точки и ќе се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот. Дополнително, потребно е итно постапување по дојави бидејќи сето ова е и резултат на горење неразградливи материи опасни по здравјето на граѓаните. Диви депонии и горење на штетни материи е заедничко за петте најзагадени градови во целиот свет, меѓу кои е и Скопје“, изјави Милошевски.

Според анализите, како решение на долг рок со употреба на паметните технологии треба да се поттикнува и градбата по стандардот за пасивни куќи кои претставуваат опција за нова и технолошки напредна градба, како во резиденцијални така и во комерцијални и институционални проекти. Станува збор за  стандард со кој се означува највисокото ниво на енергетска ефикасност.

„Концептот на пасивни куќи претставува највисок денешен енергетски стандард со намалување на потрошувачката на енергија за греење на објекти дури до 90%. Пасивната куќа е добро изолирана, речиси херметички затворена градба, која главно се загрева со пасивно соларно греење и со минимално внатрешно затоплување од домувањето, електричната опрема и сл., при што енергетските загуби се минимизирани. Секое дополнително загревање, доколку  има таква потреба се обезбедува во многу мали количини.  Со правилно функционално поставување и ориентација на прозорците и новата технологија на засенчување, се минимизира и потребата од разладни уреди“, истакна Милошевски и додаде дека во нашата земја има примери за користење и градење по стандардот на изведба пасивна куќа, но потребно е да бидат поттикнати со извесни стимулации за нивно градење или купување.

Првите објекти на пасивна куќа се изградени во Германија, а сега веќе постојат над 14.000 сертифицирани пасивни домови, училишта, канцеларии, фабрики. Голем дел од овие згради се постојано под надзор на телата на ЕУ (Европската комисија) со цел анализа и потврда на нивните перформанси. Европската комисија веќе го изгласа овој стандард како дел од стратегијата за енергетска ефикасност.

М.В