/ Прочитано:

1.446

Со софтверско решение во борбата против перење пари и финансирање тероризам

Среда, 10 октомври 2012 – Според норвешкиот пример, македонската Управа за финансиско разузнавање  за околу две години ќе воспостави систем за електронско поврзување на сите субјекти што се вклучени во борбата против перење пари и финансирање тероризам. Проектот е во вредност од 1,73 милиони евра, од кои 1,43 милиони евра обезбедува Норвешка, а 300.000 евра се пари на државата.  

Договорот за реализација на проектот за воспоставување на системот го потпишаа директорите на Управата за финансиско разузнавање и норвешката организација „Генус“, Владимир Атанасовски и Гаир Бергман.

Целта на проектот е изработка на софтверско решение за размена на информации по електронски пат помеѓу Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи и Царинската управа со што би престанала праксата за  доставување податоци од дел од институциите во хартиена форма.

„Примената на овој систем ќе придонесе за значително подобрување на комуникацијата и намалување на времето за анализа на случаите кои се предмет на работа  во Управата. Корисниците на овој систем ќе имаат ефикасна алатка за извршување на работните задачи, а ќе се зголеми и ефикасноста при анализата на податоците и генерирање извештаи“, истакна по потпишувањето на договорот директорот Атанасовски.

Апликација против перењето на пари, Норвешка ја има воведено од 2008 година и според Бергман истата резултирала со позитивен исход.