/ Прочитано:

1.464

Со сослушување сведоци од локалното население продолжува судењето за случајот „Дива Населба“

Во Кривичниот суд во Скопје ова ќе биде петто рочиште. Сведоците, кои ќе сведочат денеска, исто како и сведоците од минатото рочиште, се лица од локалното население во Кумановско. Според најавите, пред судот треба да сведочат пет лица.

Дива населба, прво рочиште

Со сослушување на сведоците на Обвинителството треба да продолжи судскиот процес против 29 обвинети, кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање и тероризам, за случувањата од 9 и 10 мај минатата година во кумановската Дива Населба.

Во Кривичниот суд во Скопје ова ќе биде петто рочиште. Сведоците, кои ќе сведочат денеска, исто како и сведоците од минатото рочиште, се лица од локалното население во Кумановско. Според најавите, пред судот треба да сведочат пет лица.

На последното рочиште беа сослушани сопругата и ќерката на обвинетиот Фадиљ Фејзулахи и една жена која живее во кумановската Дива Населба.

Поради просторните проблеми со кои се соочува Кривичниот суд, медиумите и понатаму ќе ги следат рочиштата преку видеоврска од библиотеката на Судот.

Оттаму потенцираат дека судењето е отворено за јавноста, но поради просторните проблеми, роднините на обвинетите не можат да влезат на судењето.

„Што се однесува до роднините на обвинетите, кои немаа можност да влезат на судењето, потребно е да се знае дека тие имаат право во секое време да ги посетат обвинетите во установите каде што ја издржуваат мерката притвор, и судот им ги обезбедува сите неопходни дозволи, а што се однесува до присуство на судењето, Законот за кривична постапка не предвидува дека Судот мора да им дозволи на роднините да присуствуваат на судењето. Како јавност во постапка се подразбираат сите лица кои транспарентно и непристрасно ќе ги следат и ќе ги пренесат случувањата во судницата“, велат од Судот.

Воедно, мора да се има предвид дека, освен роднините на обвинетите, и семејствата на оштетените и на жртвите од овој настан сакаат да го следат судењето, па од тие причини Кривичниот суд упатува порака до сите вклучени страни во оваа постапка да не ги разгоруваат чувствата на двете страни бидејќи со тоа не придонесуваат за судење во една смирена атмосфера, додаваат од Судот.

Дива населба, прво рочиште

Сите дваесет и девет лица, дел од таканаречената Кумановска група, на почетокот на процесот изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Дел од адвокатите на обвинетите во своите воведни говори пред Судот не негираа дека нивните клиенти биле на местото на настанот, но рекоа дека Обвинителството погрешно ја дефинирало правната квалификација во случајот и дека не се работело за тероризам, туку за спречување службени лица во вршење на службено дејствие.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање и тероризам.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.

М.С.