/ Прочитано:

1.821

Со Уредба ќе се стандардизираат медицинските прегледи на работниците

Среда, 24 април 2013 – За 8 денови ќе стапи на сила новата Уредба со која се прецизира видот и цената на задолжителните лекарски прегледи на работниците. Законската регулатива останува и понатаму работодавачот да обезбеди здравствен преглед на своите вработени најмалку на секои 24 месеци, а измените кои ги опфаќа Уредбата всушност ќе ја регулираат лојалната конкуренција и видот на пакетот на здравствените прегледи согласно работата кој ја извршува вработениот. Глоби од неколку илјади евра доколку здравствени установи не ги извршат здравствените прегледи согласно со Уредбата.

„Како основна причина за иницирање на законските измени беа теренските информации коишто ги добивме како министерства, а коишто покажуваат дека здравствените прегледи коишто им се вршат на работниците како редовни систематски прегледи не се стандардизирани според видот и обемот, односно не се опфатени сите сегменти, анализи и испитувања коишто треба да им се направат на работниците заради констатирање на вистинската здравствена состојба кај секој поединец“, изјави министерот Спиро Ристевски на денешната прес конференција.

Министерот за здравство, Никола Тодоров нагласи дека со измените на Законот за безбедност и здравје при работа ќе се преземат сериозни мерки против нелојалната конкуренција и како што нагласи ќе се спречи да се издаваат потврди без било каков преглед.

Потенцира дека со овие измени ќе биде обезбедено за конкретните типови на работа да има конкретни типови на медицински прегледи, а покрај тоа јавните здравствени установи ќе можат да обезбедат приходи, со што ќе има поголем број на самофинансирачки средства.

На прес конференцијата беше нагласено дека со направените измени видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи сега ќе бидат уредени со подзаконска акт – Уредба. Согласно со Уредбата која што ќе стапи на сила 8 дена по објавувањето во Службен весник, овластените здравствени установи се должни да ги вршат здравствените прегледи со стандарден минимум кој е задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи.

Со новите законски уредби стандардниот лекарски преглед ќе опфаќа: анамнестички податоци, статус по системи и антропометрија, основни лабораториски анализи, испитување на функцијата на видот, аудиометрија, спирометрија, ЕКГ и радиографија.

Исто така, здравствените установи ќе бидат должни да ги почитуваат цените предвидени за определениот пакет на здравствени услуги, односно не смеат да наплатуваат под цените наведени по ценовникот.

Доколку овластените здравствени установи не ги извршат здравствените прегледи согласно со уредбата ќе подлежат на глоба и тоа: глоба од 5 000 до 8 000 евра за прекршок на правното лице и глоба во износ од  500 до 1000 евра за одговорното лице во правното лице.