Собранието да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците
Собранието на Република Македонија да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците, заради отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците, предлагаат„Транспаренсиинтернешнл – Македонија“ и Центарот за економски анализи.
„Транспаренси интернешнл – Македонија“ и Центарот за економски анализи изразуваат длабоко незадоволство поради игнорирањето на препораките на Државниот завод за ревизија кои се однесуваат на воспоставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надоместок за користење на приватно возило во службени цели, кој не соодветствува со нивните реални трошоци. Поради тоа, велат од двете организации, го повикуваме Собранието на Република Македонија да направи измени во Законот за пратениците и подзаконските акти во согласност со препораките од извештаите на Државниот завод за ревизија.
Законот за пратениците предвидува право членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото што се користи. Државниот завод за ревизија во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на негово намалување, со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци, со што значително го оптоварува својот буџет.
„Транспаренсиинтернешнл – Македонија“ и Центарот за економски анализи го повикуваат Собранието на РМ да постапи по препораките на ДЗР, со цел да ја отстрани можноста пратениците да добиваат надоместоци за трошоци во висина во која, всушност, не се направени. Истовремено, го повикуваат Собранието на РМ конечно да го донесе Кодексот за етика на пратениците во Собранието на РМ. Со тоа ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување, иако е легално, не е етичко како во овој случај. Со донесувањето на ваков кодекс, Собранието истовремено ќе ја исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој, меѓу другото, се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на Парламентот.
Република Македонија пред себе има сериозен предизвик во обидот да се бори против коруптивното однесување на оние што се избрани и именувани да работат во интерес на граѓаните. Затоа е недозволиво речиси десет години да се игнорираат препораките на Државниот завод за ревизија. Работата на оваа институција е насочена кон детектирање на недостатоците во работата на институциите, а препораките во нивните извештаи даваат насока како да се дејствува за отстранување на тие недостатоци. Нивното игнорирање го прави залудно постоењето на ДЗР и ја саботира борбата против корупцијата. Затоа го повикуваме Собранието на РМ да ги донесе неопходните измени на регулативата и да воведе суштински промени во нејзиното сузбивање.
ГРЕКО препорачува забрзување на постапката на донесување Етички кодекс на однесување за членовите на Собранието и осигурување дека тој ќе биде лесно достапен за јавноста. Исто така, препорачува и воспоставување на соодветен механизам во рамките на Собранието кој ќе го промовира Кодексот и ќе ја подигне свеста меѓу неговите членови во врска со стандардите кои се очекуваат од нив и кој ќе ги спроведе стандардите онаму каде што е потребно.
M.В