Собранието ги изгласа законите за стечајните работници и укинувањето на радиодифузната такса
Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 12. седница го донесе Законот за стечајни работници. Со законот се предвидува да се опфатат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата по1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година.
Со Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Годишно за таа намена од Буџетот на АВРМ ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.
Собранието на Република Македонија денеска го донесе законот со кој се укинува плаќањето на радиодифузната такса. Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа донесени по скратена постапка.
Со законот се предвидува приходот што досега го добиваше МРТ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот Буџет и тоа во износ од 0,5 проценти од вредноста на Буџетот на годишно ниво. За таа цел е потребно да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2018 година. Покрај од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од други средства, односно од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.
М.В