Собранието ги отфрли иницијативите на „Достоинство“ со образложение дека немаат законска основа
Понеделник, 27 мај 2013 – Сите четири иницијативи за референдум поднесени до Собранието од претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов се отфрлени бидејќи се беспредметни и спротивни од Законот за референдум, информираа денеска од кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
„Иницијативите за распишување референдум не се во согласност со закон. Имено, во членот 28 став 1 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на РМ “ број 81/2005 и 50/06), таксативно се наброени прашањата за кои не може да се распише референдум на државно ниво, а тоа се прашањата што се однесуваат на: Буџетот на РМ и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на РМ, за прашања на изборите, за именувања и разрешувања. Исто така, во членот 28 став 3 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на РМ“ број 81/2005 и 50/06) прецизно и недвосмислено е утврдено дека референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во РМ“, се вели во соопштението од Собранието.
На крајот се нагласува дека „иако свесен за законската неоснованост на иницијативите овластениот предлагач Стојанче Ангелов паралелно со предлозите има покренато иницијатива до Уставниот суд за укинување на наведените одредби од Законот за референдум“.
Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов изјави дека нема да се откаже од иницијативата и покрај ваквиот одговор на Вељаноски.
Достоинство“ поднесоа иницијативи за референдум за автентично толкување на членот 1 од Законот за амнестија, потоа за Законот за територијална организација на локалната самоуправа, третата иницијатива се однесуваше на распишување референдум на која граѓаните биле се изјасниле дали се „за“ или „против“ припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во 2011 година да вршат јавни функции и четвртата за референдум беше дали припадниците на ОНА да добијат посебни права утврдени со закон.