/ Прочитано:

2.892

Собранието го донесе Законот за минимална плата и ќе расправа за материјалното обезбедување на стечајците

Собранието на Република Македонија го донесе Законот за зголемување на минималната плата, кој предвидува исплата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

 

Со Законот за минимална плата во Република Македонија се уредени висината на минималната плата, висината на минималната плата за одделите производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа од 2012 до 2018 година, нејзино усогласувањето, инспекциски надзор, прекршочни одредби и сл.

Со Законот за минимална плата во Република Македонија, се вели во законското образложение, ќе се овозможи исплата на минимална плата во иста висина за сите вработени, како и финансиска помош за работници кај работодавачи кои исплатувале понизок износ на минимална плата утврдена со закон.

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 12. седница на која треба да расправа за Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

Предлог-законот предвидува да се опфатат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата по1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година.

На дневен ред на оваа седница се и предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесен од група пратеници.

Во рамки на 12. седница се и Предлог-законот за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување и Предлог- законот за издавање вредносни бонови – ваучери, поднесени од опозицијата.

По завршување на оваа седница, пратениците треба да ја продолжат 15. седница на чиј дневен ред се: Предлог на закон за употреба на јазиците, предлог-измените на Законот за употреба на македонскиот јазик, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија и Предлог на закон за издавање на вредносни бонови – ваучери, сите прво читање.

М.В