/ Прочитано:

395

Собранието го избра новиот владин кабинет

Собранието на Република Северна Македонија, со 77 гласа „за“ и 22 „против“, ја избра новата Влада, чиј состав го предложи новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски.

Во владејачкото мнозинство учествуваат три политички субјекта, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а согласно резултатите од 11. парламентарни избори, што се одржаа на 8 мај.

По дводневна расправа за Предлог-програмата за работа на Владата и за нејзиниот состав, мнозинството пратеници ги изгласаа предлозите на Мицкоски за министри во 20 ресори и за уште тројца министри без ресор.

Во дискусијата на седмата седница на Собранието учествуваа пратеници од сите шест пратенички групи во овоју собраниски состав.
По изборот, членовите на новиот владин кабинет дадоа свечена изјава.

За министер за одбрана е избран Владо Мисајловски, за внатрешни работи – Панче Тошковски, а за министер за правда Игор Филков. Со Министерството за односи меѓу заедниците ќе раководи Иван Стоиљковиќ, а со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

За министер за европски прашања е избран Орхан Муртезани, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, а за економија и труд Бесар Дурмиши. Со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, додека за министер за земјоделство, шумарство и водостпонаство е избран Цветан Трипуновски.

Арбен Таравари е избран за министер за здравство, Весна Јаневска за образование и наука, Фатмир Лимани за социјална политика, демографија и млади, а Златко Перински за локална самоуправа.

Собранието го избра и Зоран Љутков за министер за култура и туризам , Стефан Андоновски за дигитална трансформација, а Горан Минчев за јавна администрација. За министер за транспорт и врски е избран Александар Николоски, за животна средина и просторно планирање Изет Меџити , а за спорт Борко Ристовски. За министри без ресор се избрани Љупчо Димовски, Шабан Салиу и Арбен Фетаи.