Собранието ја усвои Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година
Четврток, 24 јануари 2013 – Собранието на 52-та седница ја усвои Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година.
Приоритети на Стратегијата за развој на културата во наредните 5 години се :
- поддршка на традиционалните творечки и применети уметности и заштита на културното наследство;
- создавање општествен амбиент кој ќе овозможи имплементација на новите технологии во сферата на културата и уметноста и кој ќе го поттикне развојот на креативните индустрии, на културниот менаџмент и маркетинг и на приватните иницијативи.
Стратегијата го дефинира националниот интерес на државата во културата во широк дијапазон, како:
1. Уметничко творештво во коешто спаѓаат: книжевноста, издаваштвото, сликарството, вајарството, музиката, театарот, филмот, балетот и современиот танц;
2. Културното наследство во коешто спаѓаат: недвижното културно наследство, движното културно наследство – библиотечната, музејската и дејноста за заштита на аудиовизуелните добра и духовното културно наследство;
3. Областите кои се комплементарни со културата, како:
- науката и образованието,
- менаџментот и маркетингот,
- креативните индустрии, новите технологии и медиуми во производството, дистрибуцијата и рецепцијата на културата,
- алтернативните културни изразувања,
- културниот туризам,
- дигитализацијата на културното наследство и на современото творештво,
- интермедијалните и мултимедијалните креативни практики и
- меѓународната културна политика.