/ Прочитано:

4.214

Собранието ја усвои Декларацијата по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта – Треблинка

Текстот на Декларацијата во целост:

Поаѓајќи од мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на македонското општество и имајќи го предвид придонесот на припадниците на Еврејската заедница во севкупниот развој на Република Македонија, како и фактот што таа претставува важен дел од историјата и традицијата, а преку младата генерација таа е дел од сегашноста и иднината на нашата држава;

Споменувајќи се дека на 11 март 2018 се навршија 75 години од депортацијата на 7.144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија или 98 % од еврејската популација во тој период од страна на нацистите и нивните сојузници во логорот на смртта Треблинка и од каде што ниту еден од нив не се врати жив;

Оддавајќи им должна почит на нашите сограѓани Евреи, но и на сите останати Евреи и други жртви на Холокаустот и трајно определени да го негуваме споменот кон нив;

Осудувајќи го Холокаустот, негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот, како и сите форми на геноцид и кршење на човековите права како што се антисемитизмот кој и денес претставува сериозен проблем во Европа и пошироко, дискриминацијата, говорот на омраза, ксенофобијата, исклученоста, расизмот и др.;

Почитувајќи ги меѓународните обврски кои Република Македонија ги преземала од Стокхолмската декларација од 2000 година и нејзиниот ангажман во рамките на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, како и од соодветните резолуции на Обединетите нации и Европскиот парламент а кои се однесуваат на зачувување и негување на споменот на жртвите на Холокаустот;

Собранието на Република Македонија:

1. Ја посветува оваа Декларација на комеморативна седница на Евреите од Македонија – жртви на Холокаустот и ја усвојува оваа Декларација по повод 75-годишнината од депортациите на Евреите од Македонија во логорот на смртта – Треблинка.

2. Ја истакнува трајната определба на нашата држава да не бидат никогаш заборавени 7.144 Евреи од Македонија, како и сите останати Евреи и други жртви на Холокаустот.

3. Високо ги цени и ги поддржува сите активности на Владата на Република Македонија, Еврејската заедница во Република Македонија и другите институции и невладини организации насочени кон зачувување и негување на споменот на жртвите на Холокаустот, кон збогатување на образовните содржини и проширување на истражувачките активности во врска со Холокаустот.

4. Посебно ја нагласува исклучителната улога и работа на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на Холокаустот и ги повикува граѓаните и, пред сè, учениците од Република Македонија и пошироко, да го посетуваат.

5. Апелира во сите активности и проекти кои се однесуваат на теми поврзани со Холокаустот фокусот да биде ставен на младите генерации и нивно што поголемо вклучување во истите, а со цел Холокаустот или кој било друг геноцид никогаш да не се повторат.

6. Ги повикува институциите на Владата на Република Македонија, академските и научно-образовни институции, медиумите, невладините организации и јавни личности во Република Македонија активно да дејствуваат во борбата против негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот, антисемитизмот, дискриминацијата, ксенофобијата, исклученоста, говорот на омраза и сите други појави на кршење на човековите права и да соработуваат со релевантните домашни и меѓународни организации и тела.

7. Оваа декларација ќе се достави до Кнесетот на Државата Израел, ОН, Советот на Европа, ОБСЕ, Европскиот парламент, Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, Светскиот еврејски конгрес и други релевантни меѓународни организации.

8. Оваа декларација ќе се објави во ‘Службен весник на Република Македонија’.“

М.В