Собранието ќе расправа за пополнување испразнетите министерски ресори
Понеделник, 18 февруари 2013 – Собранието на РМ денеска на 55 седница треба да гласа за попoлнување на испразнетите места во Владата, по оставките на вицепремиерот за евроинтеграции Теута Арифи и на министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, кои се кандидираа за градоначалници на претстојните локални избори.
Според предлогот што до Собранието го достави премиерот Никола Груевски, со евроинтеграциите треба да раководи Фатмир Бесими, актуелен министер за одбрана, а нов министер за локална самоуправа Тахир Хани, сега заменик-министер за транспорт и врски.
Пратениците треба да се изјаснат и за избор на нов министер за одбрана по испразнетото место на таа функција заради ротирањето на Бесими во ресорот евроинтеграции. Предлогот на премиерот е со одбраната да раководи Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Народните избраници треба да гласаат и за испразнетите места на земениците министри за внатрешни работи, за транспорт и врски, и за финансии, на кои функции според предлогот на премиерот треба да стапат Земри Ќамили, Џељаљ Бајрами, досегашниот заменик за внатрешни работи, и Ардиан Џеладини.