/ Прочитано:

973

Собранието на РМ во врска со јавната расправа за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 

 Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија одржа јавна расправа на тема: Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се вели во соопштението на Собранието на Република Македонија.

Воведни излагања по темата имаа претседателот на Комисијата  Артан Груби, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор, задолжен  за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кои информираа за текот на постапката за донесување на новите законски измени.

Во тој контекст беше истакнато дека е направена широка консултација  со  медиумите, со граѓанските  организации и со сите засегнати страни, почнувајќи од  првата дебата на 14 јули минатата година,  по што следувала  уште  една  дебата,  како и низа други консултации со заинтересираните страни.

Министерот Манчевски посочи дека надлежното министерство во текстот ги внело и коментарите добиени на Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР), како и коментарите добиени од Европската комисија и Канцеларијата на ОБСЕ.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби, во врска со предложените измени и  дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е во собраниска процедура, ги поздрави најавените новини, при што појасни дека суштината на оваа јавна расправа е подлабока и се однесува на состојбата во медиумите во Република Македонија, од аспект на нивната независност и професионалност, слободата на изразување во државата. За важноста  на регулирањето на  оваа сфера укажа дека говори и фактот што состојбата со  медиумите во земјата беше еден од приоритетите во „Итните реформски приоритети за Република Македонија“, со осврт на  четирите  потточки, и тоа: јавниот радиодифузен сервис, владиното рекламирање, пристапот до информации и  прашањето за клеветата.

Во дискусијата учествуваа пратениците Лидија Тасева и Маја Морачанин, како и Зоран Трајчевски, Горан Трпеновски, Дејан Георгиевски, Благој Христовски, Иван Мирчевски, Климе Бабунски, Лазо Петрушевски, Смилка Јанеска-Саркањац, Благој Христов, Драган Секуловски, Зоран Фидановски, Цветан Чилиманов, Мишко Иванов, Славица Арсова, Харун Ибрахими, Емин Аземи и Насер Селмани.

Во расправата генерално беше поддржана потребата од  регулирање  на оваа област, при што беа искажани и одредени забелешки, пред сè, во однос на: висината на предложените финансиски средства за Македонската радио-телевизија, која како јавен сервис е клучен дел од медиумските реформи, потоа за измената во начинот на предлагање и избор на членовите на Програмскиот совет на МРТВ, измените во условите за кандидат за директор и заменик-директор на МРТВ,  во однос на  бараното минимум 8-годишно работно искуство во областа на медиумите, комуникологија, комуникации со јавноста и раководење, како и за  начинот на избор на  членови во  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги и друго.

Во своето завршно обраќање, министерот Манчевски наведе дека надлежното  министерство ќе ги земе предвид сите предлози кои беа дадени во јавната расправа, при што иницираше да се организираат и други јавни расправи по овој закон со цел да се дојде до соодветни решенија кои ќе бидат во интерес на  јавното информирање на граѓаните, додека министерот Поповски завршно истакна дека ги цени сите изнесени сугестии, предлози и забелешки, бидејќи инклузивноста во подготвувањето на  овој законски текст е од особено значење,  пред сè, поради потребата од политички консензус за законските решенија за регулирање на медиумската сфера во Републиката.

На крајот од расправата, Комисијата за европски прашања го усвои заклучокот со кој се предложи да бидат разгледани забелешките од јавната расправа во понатамошните читања на законот.

На јавната расправа беа поканети и учествуваа пратеници, како и претставници  на медиумите, на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор.

М.В