/ Прочитано:

996

Собраниска делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе учествува во првиот дел од редовната зимска сесија на ПС на СЕ, што се одржува во Стразбур, Франција од 21 до 25 јануари 2019 година, информираат од Собранието на РМ.

„На сесијата ќе биде избран претседателот и потпретседателите на Собранието. Свое обраќање ќе има и претседателот на  Финска. Исто така, финскиот министер за надворешни работи ќе го пренесе коминикето од Комитетот на министрите и генералниот секретар на ПС на СЕ ќе му се обрати на Собранието.

Во текот на работата, Собранието ќе одржи заедничка дебата за медиумите во јавна сопственост во контекст на дезинформирањето и пропагандата, како и за слободата на медиумите како услов за демократски избори. Ќе се дискутира и за интернет-владеењето и човековите права.

Во текот на сесијата, ПС на СЕ ќе ги надгради насоките за фер референдуми и ќе ја испита компатибилноста на шеријатското право со Европската конвенција за човековите права. Покрај тоа, Собранието ќе оцени дали повлекувањето на националноста како мерка за борба против тероризмот е пристап кој е компатибилен со човековите права и ќе се дискутира за унапредувањето на правата на лицата коишто им припаѓаат на националните малцинства.

Втората заедничка дебата ќе се фокусира на дискриминацијата во пристапот до вработување и потребата за инклузивна работна сила.

Побарани се две итни дебати – една за „Отворената руска агресија против Украина: нарушување на мировниот процес и закана за европската безбедност“, а втората за „Влошената ситуација на опозициските политичари во Турција: што да се направи за да ги заштитат своите фундаментални права во земја членка на Советот на Европа?“.

По иницијатива на претседателот на ПС на СЕ – #NotInMyParliament, на кратка церемонија на пленарната седница на 21 јануари членовите ќе се заложат да преземат акција во своите национални парламенти за искоренување на сексизмот, вознемирувањето и насилството врз жените“, се вели во соопштението на Собранието на РМ.