/ Прочитано:

2.660

СОМНЕВАЊЕ ВО КВАЛИТЕТОТ: Родители подготвија кривична пријава поради употреба на бугарска вакцина во Македонија

Родителите што се противат на вакцината ДТП (дифтерија, тетанус, пертусис) подготвиле кривична пријава против непознат сторител и против одговорните лица на Министерството за здравство поради постоење основа на сомневање за сторено казнено дело – производство и пуштање во промет штетни средства за лекување. Од Министерството за здравство ваквите сомнежи ги оценуваат како некоректни тврдења со кои се внесува медицински непоткрепена паника за здравјето на најмладата популација.

„Се сомневаме дека регистрацијата не е извршена“

„Основите за изразеното сомневање произлегуваат од постапката што „била“ преземена околу набавувањето на вакцината и натамошното спроведување на задолжителна вакцинација на децата против ДТП ( дифтерија, тетанус, пертусис ) во диспанзерите во кои била дистрибуирана низ републиката. Имено, вакцинацијата на децата во Република Македонија се спроведува со вакцината – ’дифтеткок’ од производителот ББ-НЦИПД лтд. (BB-NCIPD ltd.) од Бугарија. Вакцината е во промет без претходно да се добие одобрение за пуштање во промет од Агенцијата за лекови, кое е услов, според чл.11 од Законот за лекови и медицински помагала (Службен весник на РМ, бр. 106/о7). Одобрението (решението) се издава врз основа на претходно извршена регистрација на вакцината, а тоа не е направено“, се посочува во кривичната пријава.

Крвивична пријава против непознат/и сторител/и, одговорни лица во Министерството за здравство

Се сомневаме, стои во кривичната пријава, дека регистрацијата не е извршена поради фактот што во вакцината „дифтеткок“ има количини на алуминиум 35 пати над дозволената граница за парентерални раствори и жива која е исфрлена од употреба во вакцините, по препорака на Светската здравствена организација бидејќи докажано предизвикува трајни невролошки оштетувања.

„Поради овој факт вакцината ’дифтеткок’ не се наоѓа на Листата на квалификувани вакцини на Светската здравствена организација“, се посочува во кривичната пријава“, се посочува во пријавата.

Според изготвувачите на кривичната пријава, пуштањето во промет на овој тип вакцина, поттикнува сомнение за несогледливи штетни последици, а отсуството на легалност во постапувањето со вакцината „дифтеткок“, не го открива носителот на одговорноста за штетата, додавајќи дека граѓаните се изложени на голема неизвесност, од една страна, според Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Македонија , немаат избор ( децата на возраст од 2, 3 и 5 месеци ) мора да се вакцинираат со имунолошки лек што не е одобрен, а од друга страна никој не се легитимира за штетата.

„За одговорните лица обврзно е да знаеле дека при набавката на оваа вакцина морале да се запознаат елементарно со информацијата на Светската здравствена организација во 2012 година дека серија од вакцина против тетанус и дифтерија од овој производител е суспендирана од употреба поради пронајдено метално онечистување во растворот на вакцината, што укажува на слаб квалитет  и слаба контрола на квалитетот од страна на производителот. Од друга страна пак, Република Македонија за жал нема своја биолошка лабораторија во која би се вршела  контрола на квалитетот на увезените биолошко/имунолошки лекови кои се применуваат врз населението. Поминувајќи преку ваквите сознанија, со пуштањето во промет на вакцината, се однесувале неодговорно бидејќи децата на Република Македонија, се изложени на ризикот на ниво на експеримент, а родителите мораат тоа да го прифатат под закана дека ќе бидат кривично гонети ако не ги вакцинираат сопствените деца“, се вели во пријавата.

Министерство за здравство: Се изнесува медицински непоткрепена паника

Министерството за здравство реагира на ваквите тврдења во врска со употребата на вакцината „дифтеткок“ (вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис – голема кашлица) и смета дека крајно некоректно е да се изнесува медицински непоткрепена паника за здравјето на најмладата популација.

Од министерството велат дека производителот на вакцината „дифтеткок“,(Bulbio – NCIPD ltd.) од Софија – Бугарија, се наоѓа на листата на Светската здравствена организација. Вакцината е регистрирана и е во употреба во Европската Унија, во употреба е во матичната земја, која е и членка на Европската Унија, и вакцината поседува сертификат за пуштање во промет издаден од официјална лабораторија овластена од страна на Европската Унија. Исполнувањето на овие услови го гарантира квалитетот, сигурноста, безбедноста, како и ефикасноста на вакцините.

Во согласност со барањата за квалитет на европската фармакопеја, велат од Министерството, дозволено е присуство на алуминиум и тиомерсал-жива во оваа вакцина во одредени пропишани граници, така што вакцината може да содржи алуминиум и жива во максимално дозволени вредности и тоа за алуминиумот (≤ 1,25 милиграми/доза) и за тиомерсал – жива (≤ 0,05 милиграми/доза).

Исто така, и покрај фактот дека вакцината поседува сертификат за пуштање во промет издаден од официјална лабораторија овластена од страна на ЕУ, таа се контролира и во Република Македонија од страна на Агенцијата за лекови, и тоа секоја серија на вакцините при влез пред пуштање на вакцините во промет.

„Време е да се стави крај на нестручни и лаички толкувања на оваа проблематика, кои тенденциозно се пласираат во јавноста, со цел да се сруши делот од здравствениот систем кој што се темели на превенцијата и вакцинирањето на граѓаните од болести за кои постојат вакцини, систем кој е макотрпно граден во последните 70 години“, нагласуваат од Министерството за здравство.

Минатата година имаше и Иницијатива до Уставниот суд за вакцинацијата

Инаку, минатата година група родители до Уставниот суд преку Стамен Филипов како изготвувач на Иницијативата, поднесоа и барање за укинување на задолжителната вакцинација.

Филипов оспори одредби на три закони: Законот за задолжителна вакцинација, Законот за заштита на децата и Законот за основното образование.

Како што изјави тогаш Филипов, во прописите спорно е што невакцинирано дете не може да се запише во прво одделение, или мајка на две деца нема да добие надомест за третото ако не е вакциниранo првото или второто дете.

„Родителите велат дека државата сигурно не се грижи повеќе за нивните деца отколку што се грижат самите тие“, подвлече Стамен Филипов, согласувајќи се дека треба да се чуваат луѓето од заразните болести, но дека не може да бидат уценувани.

И покрај поведувањето на Инцијативата, сепак, како што сметаше Уставниот суд, вакцинацијата за децата остана задолжителна, а родителот што ќе ја избегне вакцинацијата, се соочува со парична казна.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

26.1 2015