/ Прочитано:

1.618

СОНК: „И да удирате, НИЕ ќе стоиме исправени и одиме понатаму“

Петок, 26 септември 2014 – Министерството за образование и наука, и покрај најавите за штрајк од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), апелира до родителите в понеделник да ги пратат децата на настава, бидејќи министерството и општините ќе овозможат услови за непречено одвивање на образованиот процес. Повикот на СОНК го оценуваат како незаконски, на што СОНК реплицира: И да удирате, НИЕ ќе стоиме исправени и одиме понатаму. Во меѓувреме пристигна писмо со поддршка за СОНК од Синдикатот за образование на САД, потпишано од Лорета Џонсон, секретар на Синдикатот за образование на САД.

Надлежните потсетуваат: Високи глоби за родителите

Министерот Абдилаќим Адеми побара од претседателот на СОНК Јаким Неделков да не манипулира со учениците, а родителите ги потсети дека оние кои нема да ги пуштат своите деца на училиште, ќе плаќаат казни и тоа во износ од 1.000 до 2.000 евра.

МОН и со апел до родителите, да не подлегнат на повикот на СОНК, затоа што тоа е спротивно на Уставот и на законите во државата.

За непосетување на наставата со закон предвидени се високи глоби за родителите, изјави директорката на Државниот просветен инспекторат Надица Николоска во пресрет на најавениот штрајк на наставниците.

„Основното и средното образование се задолжителни за сите ученици. За непосетување на наставата законите се децидни и предвидуваат глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за родителот, односно старателот кој што ќе го оневозможи наставниот процес за своето дете. Би сакала да апелирам до сите родители да не подлегнуваат на манипулативни изјави за прекин на воспитно-образовниот процес и да не ги инволвираат своите ученици за политички цели“, рече Николоска.

СОНК: Не бидете нечии пиони

За Неделков, претседателот на СОНК, сите овие реакции имаат една цел, а тоа е да се разбие единството кај членството во СОНК. Тој вели дека одлуката за генерален штрајк во образованието останува и дека СОНК нема да отстапи од тоа.

Штрајкот на вработените во градинките, основните училишта и во гимназиите е закажан за 29 септември. Со новите измени во Законот за основно и за средно образование, Министерството за образование и локалната самоуправа имаат право наставниците кои ќе штрајкуваат да ги заменат со други наставници. Дел од општините веќе информираа дека имаат листи на резервни наставници.

„И да удирате, НИЕ ќе стоиме исправени и одиме понатаму

Од СОНК, пак велат дека членството засега е единствено и порачуваат наставниот кадар да не потклекнува на притисоците, бидејќи власта нема толку резервен кадар ако сите излезат на штрајк. А, на оние кои ќе седат во резервната клупа пак им порачува да не бидат ничии пиони и да не дозволат да бидат злуопотребени.

И да удирате, НИЕ ќе стоиме исправени и одиме понатаму, велат од СОНК, имено парола под која ќе се одвива штрајкот.

Синдикатот за образование на САД со силна поддршка за СОНК

Силна поддршка за штрајкот и од Синдикатот за образование на САД, од каде ги охрабруваат синдикалните членови да бидат истрајни во барањата.

„Во име на сите 1.6 милиони членови на Синдикатот за образование на САД, сакаме да изразиме поддршка за членството и лидерството на СОНК во спротиставувањето на промените во државниот Закон за основно и средно образование кои ефективно го поништуваат правото на штрајк. Овие промени, кои од директорите на училиштата бараат смена на работниците кои штрајкуваат, директно ја прекршуваат Конвенцијата бр. 87 на Меѓународната организација на трудот односно „Слободата на право на организирање и заштита на правото на организирање“.

Повеќе од дваесет години, Македонија е потписник на овој стандард од суштинско значење. Обидот на владата да ја заобиколи оваа основна обврска кон нејзините граѓани е неверојатен. Ви се придружуваме во Вашиот повик до Владата за отповикување на оваа незаконска мерка, и повторно враќање кон фер преговори како дел од социјалниот дијалог. Вашиот Устав јасно нагласува „Член 38: Правото на штрајк е гарантирано“.Синдикатот за образование на САД е горд што соработува со СОНК повеќе од десет години. Ќе продолжиме со нашата поддршка во борбата за тоа што е правилно за наставниците, учениците и нивните заедници како и за државата“, се наведеува во писмото, кое го потпишува Др. Лорета Џонсон, Секретар на Синдикатот за образование на САД.

(M.В)