/ Прочитано:

2.069

СОНК и општините бараат намалување на бројот на ученици во паралелките

Во некои од училиштата во руралните средини во изминативе години останаа по две до три деца, поради што тие објекти се веќе затворени. Според СОНК и општините, ваквата ситуација на терен е сериозна причина поради која е неопходно да се намали законскиот минимум на број на деца во едно одделение.

По едно запишано прваче во неколку скопски, велешки и штипски села. Статистиката покажува дека за десет години во Македонија има речиси 10000 помалку запишани деца во прво одделение. Годинава се запишани 20437, односно најмалку во споредба со изминатите 5 години. Проблемот е уште поголем во средното образование каде што во последните 3 учебни години бројот на запишани ученици е намален за речиси 9000.

Според Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), последиците најмногу се чувствуваат во руралните средини, но и во градовите во Источна и Западна Македонија.

„Во ваква ситуација е невозможно да се почитува законскиот минимум од 24 ученици во една паралелка“, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Токму затоа, Синдикатот, поддржан од општините, побара измена на членовите во законите за основно и средно образование според кои во паралелката треба да има најмалку 24 ученици, а најмногу 34.

„Во моментов не сакаме да лицитираме со бројки, но едно од прифатливите решенија би било законскиот минимум да е 18 деца, а максимумот 25“, вели Неделков.

Според него, треба да се направат сериозни  анализи, бидејќи конечната формула ќе треба да одговара на сите засегнати страни.

Во моментов, во голем број од единиците на локалната самоуправа, паралелките имаат далеку помалку од 24 деца. Во ваква ситуација финансиските трошоци паѓаат на товар на општината.

„Министерството за образование и наука префрла средства во форма на блок- дотации врз основа на однапред утврдени формули каде што главниот критериум е бројот на ученици. Ова во практиката значи дека ќе бидат дадени онолку пари колку што има запишани ученици“, вели Неделков.

Малиот број ученици е причината поради која средствата од МОН се недоволни и со нив можат да се обезбедат само плати за наставниците и техничкиот персонал. Сите други трошоци за тековно одржување на училиштето(греење, вода, струја) ги покрива општината.

Според Раде Илиевски, раководител на секторот за јавни дејности во Општина Пробиштип, ваквиот начин на покривање на трошоците е сè потежок за посиромашните единици на локалната самоуправа, меѓу кои спаѓа и неговата. „Принудени сме да се снаоѓаме како што знаеме и умееме, па во последните неколку години  изработуваме проекти за кои претходно аплицираме кај меѓународните донатори“, појаснува тој.

Средствата што општините ги добиваат на овој начин потоа ги користат за подобрување на инфраструктурата на училиштата, како на пример, промена на подовите, промена на парните котли итн.

Секоја година општините го известуваат Министерството за образование и наука за помалиот број ученици од оној што е предвиден со законскиот минимум, но истовремено поднесуваат и барање за формирање на вакви паралелки.

„Редовно не добиваме одговор, што во практиката значи премолчено одобрување, бидејќи Министерството, од една страна, е задолжено да постапува според законот, а од друга страна, пак, е свесно за сè поизразениот проблем со намалениот број ученици“, вели Илиевски.

Потоа постапката продолжува во Советот на општината каде што советниците треба да дадат одобрување за функционирање на тие паралелки со помал број ученици. Според Илиевски, тие во најголемиот број случаи даваат согласност. Според СОНК, евентуалното одбивање би донело до многу негативни последици. Првата би била прогласување технолошки вишок на наставниот и на техничкиот кадар. Алтернативи се и спојување на неколку одделенија во едно или затворање на подрачното училиште и организирање превоз за неговите ученици до најблиското централно училиште.

„На овој начин уште повеќе ќе се запустат селата и помалите градови бидејќи семејствата со мали деца ќе почнат да се иселуваат“, велат во СОНК.

Според Илиевски од Општина Пробиштип, досега неколку пати биле принудени да прибегнат кон вакви решенија.

„Во некои од училиштата во руралните средини останаа по две до три деца, поради што моравме да ги затвориме тие објекти“, велат во Општината.

Според СОНК и општините, ваквата ситуација на терен е сериозна причина поради која е неопходно да се намали законскиот минимум на број на деца во едно одделение.

„Треба сериозно да се размисли колкав треба да биде овој број бидејќи во практиката намалувањето може да предизвика сосема поинакви последици, и тоа кај таканаречените популарни средни училишта (медицинското, економското). Таму секоја година се запишуваат поголем број ученици од законскиот максимум, поради што ќе мора да се отворат нови паралелки, со што ќе се наметне потребата од дополнителни вработувања“, вели претседателот на СОНК, Неделков.

Според МОН, евентуалното намалување на бројот на ученици во паралелките е една од предвидените реформи и тоа како една од мерките за подобрување на квалитетот на наставата.

„Отворен е широк консултативен процес во кој се вклучени претставници на синдикалните организации, Наставничкиот пленум, граѓанските организации и експерти кои работат на оваа, но и на другите реформи во основното и средното образование“, велат во Министерството. Очекувањата се дека претставниците во работните групи ќе излезат со конкретни предлози, со што ќе придонесат во носењето решенија кои се во интерес на учениците.

А. Б.