/ Прочитано:

1.120

СОНК ЌЕ ТУЖИ И ЗА КЛЕВЕТА И ЗА НАВРЕДА: „Со нашите пари ли ќе нè тужите?“ – реагираат од Наставничкиот пленум

СОНК најавува тужби за сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постоеле докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за Академик потврдува дека тужби ќе има, но додава и дека тие ќе бидат насочени и кон оние што „клеветеле и навредувале“. Од Наставничкиот пленум велат дека е апсурдно со парите што ги плаќаат за членарина да бидат тужени, потенцирајќи дека нема ниту правна основа за тоа. Од ДСП „ЛЕНКА“, исто така нагласуваат дека не постои правна основа за тужба против наставниците.

Тужби за оние што направиле „незаконски дејствија против СОНК“

„Се задолжува највисокото раководство на СОНК да поведе соодветни судски постапки преку адвокатската канцеларија против сите поединци или групи од Наставничкиот пленум и од Мултиетничкиот синдикат за образование, за кои постојат докази дека направиле незаконски дејствија против СОНК и неговото раководство, со цел и на овој начин нашата организација да биде заштитена од ваквите незаконски дејствувања против неа, а исто така да се утврди и штетата што е нанесена врз СОНК со таквото нивно дејствување“, заклучил Советот на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК).

Јаким Неделков најавува тужби за клевета и навреда: „Нашето трпение има граници“

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека сè си има своја граница, и , како што велат од СОНК, за незаконските постапувања на поединци и групи ќе има тужби за клевети и навреди.

„Нашето трпение има граници и сега ќе видиме кој и зошто клеветел и навредувал“, вели Неделков, додавајќи дека правните тимови веќе работат на предметите.

Наставнички пленум: „Со тужбите се врши притисок“

Од Наставничкиот пленум велат дека не им е јасно зошто би биле тужени и што има противзаконско во тоа што бараат заштита од СОНК.

„Ниту една организација или здружение нема право да те условува со членство во некоја друга и обратно. Не знам зошто е противзаконски да бараме заштита од СОНК и доколку не ги заштитува нашите интереси да бараме нивна оставка. Во Статутот на СОНК нема член врз чија основа можат да не тужат. Можат само да нè исклучат од СОНК, но тоа ние сами ќе го сториме“, реагираат Наставничкиот пленум, од каде што најавуваат и петиција против работата.

„Бараме заштита на работничките права – нема правна основа за тужба“

Тие сметаат дека со тужбата се врши притисок, а членови на наставничкиот пленум коментираат дека се оди, како што велат, по старата приказна нивните мотиви да се етикетираат како наводно политички, иако, уште на самиот почеток при формирањето на Пленумот се изјасниле дека не се против СОНК, туку се за заштита на работничките права.

„Инаку да потсетиме дека СОНК не е претседателот, туку СОНК сме сите ние, наставниците, кои секој месец издвојуваме по 1% од нашите примања за тој да ги штити нашите права и интереси. Но, дали е тоа така? Дали навистина ги штитат нашите интереси?“ велат од Пленумот, а негови членови коментираат дека се работи за намерно политичко етикирање што е, како што велат, „стара и добро позната приказна“.

Жана Живадиновиќ од Наставничкиот пленум вели дека синдикатот им припаѓа на членовите, а не на раководството, кое би требало само да ги артикулира нивните барања.

„Нашиот став и тогаш а и сега, артикулиран преку Наставничкиот пленум, е дека вака поставениот модел на екстерна проверка е необјективен, контрапродуктивен, дидактички неиздржан и сосема погрешен.

ЛЕНКА: „Нема никаква правна основа за тужби“

Дејан Лутовски од Движењето за социјална правда „ЛЕНКА“ вели дека евентуалните најавени тужби немаат никаква правна основа затоа што не може да се насочат тужби кон наставниците поради тоа што протестирале.

Тој додава и појаснува дека од аспект на постапката тоа би значело тужби кон поединци, а сето тоа е поврзано и со трошоци и, како што потенцира, со право реагираат наставниците дека е апсурдно да се користи нивната членарина за тужби против нив.

„Наставниците имаат право да го искажат својот револт. Не мора да е регистриран пленумот за да се искаже револтот, едноставно, тоа гарантирано право на секој поединец“, вели Лутовски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

6.4.2015