/ Прочитано:

2.202

Соопштение на Антикорупциската комисија за забраните во врска со претстојните избори

По повод донесеното Решение од претседателот на Собранието на Република Македонија со број 09-1071/2 на 08.02.2019 година за распишување на избор за претседател на Република Македонија и по донесеното Решение од претседателот на Собранието на Република Македонија со број 09-1072/2 на 08.02.2019 година за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Охрид, градоначалник на Општина Ново Село и градоначалник на Општина Дебар,  Државната комисија за спречување на корупцијата ги известува министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, како и јавноста за следното:

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за избор на градоначалник(ци) па до завршување на изборите за избор на градоначалник (ци):

  • не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;
  • не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори;
  • не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на претседател на Република Македонија и до завршување на изборите за избор на градоначалник:

не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

Непочитувањето на забраните утврдени во членовите 34 и 35 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон.

Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со закажаниот избор за претседател  на Република Македонија, како и закажаните предвремени избори за градоначалник на Општина Охрид, градоначалник на Општина Ново Село и градоначалник на Општина Дебар, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите од новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ  да дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата во текот на изборниот процес.

Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на  финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик.

М.В