/ Прочитано:

1.263

Соопштение на Финансиската полиција во врска со акцијата за тутунот

„По претходно спроведени контроли и истражни дејствија од страна на Управата за финансиска полиција беше утврдено дека група на правни и физички лица од Република Северна Македонија вршат увоз на оваа недозволена сорта непреработен тутун во лист, при што непреработениот тутун се носи на повеќе локации на територијата на Република Северна Македонија, каде што се манипулира локалното население и воедно на истите локации постојат машини со кои се сече, реже или на друг начин се преработува тутунот кој се пакува во амбалажа од 300, 500, 800 или 1.000 грама, а некои од нив се обележани со натпис на познатите брендови и на тој начин станува акцизно добро.

Така добиениот готов производ, кој воедно претставува и опасност по здравјето на граѓаните, без акцизна бандерола, нелегално се продава на пазарот во Република Северна Македонија, спротивно на законските обврски, односно се избегнува плаќање на акциза, со што во текот на 2018 и 2019 година Буџетот на Република Северна Македонија е оштетен за 7,5 милиони евра“, се вели во соопштението на Управата.

„Ние ја почитуваме макотрпната и чесна работа на жителите одгледувачи на тутун во овие места, кои претежно се занимаваат со одгледување и производство на домашен тутун и чиј главен приход доаѓа од оваа дејност и поради тоа жалиме за непријатноста и загрозеноста кои тие ја почувствувале при вчерашната акција, но мораме да истакнеме дека беше неопходна со цел прибирање на доказен материјал во предистражната постапка која се води под наредба на Јавното обвинителство, а се однесува на правни лица увозници на недозволена сорта необработен тутун и физички лица преработувачи и препродавачи на тутун, кој тутун од сортата вирџинија е недозволен да се купува, реже и продава на територијата на Република Северна Македонија.

Мораме да напоменеме дека акцијата беше наменета против нелегалниот увоз, производство и трговија со недозволена сорта на тутун од типот вирџинија која во себе содржи енормно високо ниво на катран и пестициди и истиот е штетен по здравјето на луѓето. Целта на акцијата не беше да се конфискува тутун произведен од локалното население, туку нелегално увезениот и штетен тутун по животите на нашите граѓани. Првичните информации говорат дека над 90% од запленетиот тутун потекнува од нелегалниот увоз и од штетната сорта вирџинија.

Акцијата беше спроведена со асистенција од колегите од Министерството за внатрешни работи, кои воедно се грижеа за безбедноста на сите оние кои беа присутни, како на службените лица така и на граѓаните жители на овие места“, се вели во соопштението на Управата.

Средба помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција и претставник на месната заедница на село Љуботен

Од Управата за финансиска полиција исто така информираат дека вчера во просториите на Управата се одржала средба помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, претставник на месната заедница на село Љуботен и дел од жителите на селото.

„Искрено жалиме што жителите на с. Љуботен, с. Сингелиќ , с. Визбегово и  с. Арачиново беа вознемирени од вчерашната акција, но истата беше неопходна поради прибирање на доказен материјал, а сè со цел спречување на увоз, производство и трговија со нелегални добра од страна на одредени правни и физички лица бидејќи станува збор за увоз и производство на недозволена сорта на тутун во Република Северна Македонија и нелегална трговија со истата“, се посочува во соопштението.

М.В