/ Прочитано:

1.031

Соопштение на Хелсиншкиот комитет во врска со претставката поднесена за притворањето на пратениците

Хелсиншкиот комитет ја известува јавноста за постапката спроведена по наводите од претставката поднесена од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за приведувањето и притворањето на дел од пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27.4.2017 година.

„Во согласност со надлежностите, Хелсиншкиот комитет се обрати до Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Одговор беше добиен од страна на Секторот за внатрешна контрола при МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во врска со самата постапка за определување на мерката притвор за групата пратеници подносители на претставката, Комитетот утврди дека од страна на надлежните институции е испочитувана постапката пропишана според Уставот на РМ, Деловникот на Собранието на РМ и Законот за кривичната постапка во врска со определувањето на мерката притвор и одземањето на имунитетот на пратениците.

Имено, по завршувањето на предистражната постапка, од собраните докази во врска со критичниот настан/инцидент во Собранието од 27.4.2017 година, донесена е наредба за спроведување на истражна постапка. Во согласност со закон, постапувајќи по убедувањето дека е нужно определување на мерката притвор и други мерки за обезбедување присуство, надлежниот обвинител поднел барање до судијата на претходна постапка. Судијата правилно постапил кога за истите лица најпрвин определил приведување во согласност со членот 157 од ЗКП со цел да ги испита лицата за да може да одлучи за основаноста и неопходноста на предложените мерки кои зафаќаат во личните права и слободи, како што тоа го бараат Уставот на РМ, ЗКП и членот 5 од Европската конвенција за човековите права и слободи. Врз основа на овие наредби неколку лица се приведени, додека други самостојно се јавиле пред судот кога дознале дека против нив е определена мерка приведување.

Откако ги сослушал двете страни (обвинителството и осомничените и нивните адвокати), судијата се впуштил во оцена на основаноста и нужноста на определување на бараните мерки за обезбедување на присуство на осомничените. Со оглед на околноста на постоење на процесна пречка во форма на имунитет на пратениците, судот правилно постапил, во согласност со Уставот на РМ и Деловникот на Собранието на РМ, кога во тој момент писмено се обратил до надлежните тела во Собранието. Ваквото толкување и примена на уставните и законските одредби, според Комитетот, е сосема исправно бидејќи нема логика прописите да се толкуваат на начин како што тоа се сугерира во поднесокот од групата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дека наводно прашањето за имунитетот требало да се постави уште во порана фаза, пред пратениците воопшто да се приведат.

Таквото толкување би значело непотребно вознемирување на работата на Собранието, доколку би се барало тоа да одлучи за прашањето на притворот уште во фаза кога тоа е само хипотетичко и не е поддржано од страна на судот.

Во однос на самото постапување при спроведувањето на мерките на приведувањето, Комитетот не можеше со сигурност да утврди дали на пратениците неосновано им се ставени лисици, само со цел тие да се омаловажат и понижат. Доколку се утврди дека е така, тоа ќе претставува повреда на домашните полициски процедури, како и повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права. Фактот, пак, дека на приведувањето сведочеле членови на нивните семејства бездруго е несакана последица, но е своевидна колатерална штета на овие мерки кои треба да се користат во исклучителни случаи, па во таа смисла не наоѓаме дека во конкретниот случај осомничените се дискриминирани во однос на другите граѓани.

Едновремено апелираме дека со проток на време судот треба одново и покритички да ја процени основаноста и неопходноста на определувањето на мерката притвор, со цел таа да биде во согласност со принципите и праксата на Европскиот суд за човекови права“, се вели во соопштението на Комитетот.

М.В