/ Прочитано:

643

Соопштение на Интерресорската советодавна и консултативна група за еднакви можности на жените и мажите

„Изразуваме сериозна загриженост за начинот на кој надлежните институции, медиумите и јавноста реагираа на случувањата поврзани со насилството врз жена што се случи на 24.7.2019 во Скопје, на крстосницата на бул. Гоце Делчев и улицата Беласица.

Видеото од настанот, кое преку социјалните мрежи и медиумите беше масовно споделувано, предизвика јавен линч и изложување на дополнително насилство на жената. Коментарите на широката јавност и новинарските текстови се пример како општеството го третира и реагира на физичкото и вербалното насилство врз жените, а ставовите на дел од граѓаните и медиумите со кои се стигматизира жената и се одобрува насилството, за жал, сведочат колку е нормализирано насилството врз жените во нашето општество и колку се перципира како прифатливо однесување.

Ги осудуваме сите форми на насилство врз жените и девојчињата и ги повикуваме надлежните институции, медиумите и јавноста да се залагаат секој вид на насилство врз жената да биде неприфатливо и осудено и да се третира како сериозен општествен проблем.

Несоодветното постапување на полициските служби и на Министерството за внатрешни работи во случајот и третирањето на јасно и недвосмислено (документирано) насилство врз жената како ‘нарушување на јавниот ред и мир’ е сериозен проблем кој години наназад се јавува како пракса и има далекосежни негативни последици за жените жртви на насилство.  Од една страна, непреземањето на кривична постапка во случаи каде што постојат јасни индикации за насилство води кон амнестирање на насилникот и овозможува повторување на слични и посериозни кривични дела. Од друга страна, пак, се оневозможува продолжување на истрагата за причините на насилство, се оневозможува процесот на заштита на жртвата, процената на ризик од повторување на насилството и преземање на сите потребни мерки за поддршка и заштита на жртвата од надлежните институции.

Апелираме Министерството за внатрешни работи да постапува според законските прописи и ваквите случаи на насилство да ги третира како кривични дела, а не како нарушување на јавниот ред и мир. Исто така, апелираме Одделот за внатрешна контрола при МВР да го испита случајот и да утврди колку постапувањето на полициските службеници е во согласност со законските прописи за постапување во случаи на документирано насилство.

Ги повикуваме медиумите, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку своите реакции да ги осудат ваквите настани и стереотипното прикажување на жената во медиумите, како и да придонесат кон превенција од насилство врз жените.

Ги повикуваме граѓаните и медиумите да не го споделуваат и понатаму видеото со што дополнително ја стигматизираат жената и го продолжуваат насилството врз неа.

Потсетуваме дека Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за спречување и борба  против насилството врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство (Истанбулска конвенција), со што државата презеде законска обврска и покажа силна политичка волја за елиминирање на сите форми на насилство врз жените“, се вели во соопштението на Интерресорската советодавна и консултативна група за еднакви можности на жените и мажите“, се вели во соопштението на групата.

Презентиран Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените

Работилница за потребата од усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција

Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка

16 дена активизам против родово базирано насилство

Граѓанските организации пред Комитетот на ОН: Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани

АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело

„Родово базираното и психичкото насилство врз жените сè уште не се препознаваат“ – интервју со адвокатката Марта Гусар

Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда

Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците

Усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција во која насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права

Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство

Ратификацијата на Истанбулската конвенција – значаен исчекор во борбата против насилството врз жената и домашното насилство

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција

М.В