Соопштение на Кривичниот суд во врска со предметот „Монструм“
„Во однос на предметот со КОК 66/17 познат како ‘Монструм’, ја информираме јавноста дека поради промена на судечкиот совет, односно поднесена остава на еден судија поротник, а во брзо време и истек на мандат на друг судија поротник, со назначување нови, како и дополнителни, резервни поротници, главната расправа формално почна одново, а продолжи со изведување нови докази.
Имено, заради ефикасност на постапката, начелото за судење во разумен рок и пред сѐ уставнозагарантираните права и обврски на обвинетите и оштетените во постапката, одбраната се согласи наместо повторно изведување на доказите, судењето да почне формално од почеток само со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи онаму каде што и претходно застана, а тоа е со изведување на нови докази и сослушување нови сведоци.
На овој начин судот, во согласност со одбраната, а постапувајќи според законските одредби, не дозволи дополнително одолговлекување на постапката, што е од интерес пред сѐ на обвинетите и оштетените во предметот“, соопштуваат од Судот.