/ Прочитано:

1.374

МВР: Двајца виничани го оштетиле буџетот на РМ за 6.298.649 денари

Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицата И.Г. (43) од Виница, основач и содружник во друштвото “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница и С.П. (27) од Виница, управител во истото друштво поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ чл.273 и „даночно затајување“ чл.279 од КЗ на РМ, соопштува МВР.

Пријавените И.Г. и С.П. во периодот од 2008 до 2011 година, се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 6.298.649 денари на начин што за наведениот период не пресметале и не уплатиле персонален данок во износ од 2.170.725 денари и ДДВ во износ од 4.127.914,00 денари. Поголемиот дел од овој нелегално остварен профит, односно 5.081.170 денари го легализирале со пуштање во промет на сметката на нивното друштво “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница во вид на позајмици, односно овие средства ги инвестирале во изградба на стопански објект-хала „Горица“ во Виница (3.888.070 денари), како и за купување на градежно земјиште со површина од  373 м2 на Кожуф, од Ски центар Кожуф АД Кавадарци  (1.193.100 денари).

Имено, во деловните 2008 до 2011 година пријавените преку “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница за потребите на клуб кабаре “ЕФЕКТ“, Виница, регистрирано во рамките на “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, вршеле набавка на пијалоци од поголем број на правни лица и истите ги продавале во Клуб кабаре “ЕФЕКТ“, Виница, без да ги евидентираат во деловните книги, пришто не го прикажале и не го уплатиле дневниот промет во нивното друштво “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, а истовремено не го евидентирале приходот од продажбата на пијалоци. На овој начин пријавените го сториле кривичното дело „даночно затајување“ предвидено и казниво по членот 279 од КЗ.

Истовремено, на тој начин пријавените И.Г. и С.П. за посочениот период, во друштвото „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, односно во „Клуб Кабаре ЕФЕКТ„-Виница, неприкажале промет во вкупен износ од 22.932.915 денари, односно непресметале и затаиле данок на додадена вредност во вкупен износ од 4.127.924 денари.

Покрај ова, бидејќи се работи за неевидентирана набавка на пијалоци која е извршена во готово, а со тоа и неевидентирање на целокупно остварениот промет со продажба на пијалоците во „Клуб Кабаре ЕФЕКТ“, Виница,  кој не е уплатен како дневен пазар од страна на пријавените одговорни лица во „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, истиот се смета како лично примање на одговорните лица. На овој начин двајцата биле должни, но не уплатиле персонален данок во вкупен износ од 2.170.725 денари. По двата основа (ДДВ и персонален данок), пријавените затаиле и присвоиле вкупен износ од 6.298.649 денари, како против правна имотна корист за себе и друштвото оштетувајќи го буџетот на Р.Македонија.

Од друга страна пак, пријавените нелегално стекнатиот профит делумно, односно износ од 3.888.070 денари, го легализирале на тој начин што го пуштиле/внеле во промет на сметката на друштвото „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница во вид на позајмици, кои ги инвестирале во изградба на стопански објект-хала „Горица“-Виница, а дел, односно износ од 1.193.100 денари го легализирале со купување на градежно земјиште со површина од 373 м2 на Кожуф, од Ски центар Кожуф АД Кавадарци или пуштиле во оптек вкупно 5.081.170 денари, сума за која знаеле дека е стекната со кривично дело, па така го сториле кривичното дело – “перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по членот 273  од КЗ, стои во соопштението на МВР.