СОРАБОТКА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА СО АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Повик до адвокатите за аплицирање за обука за обучувачи во врска со членот 10 од ЕКЧП

Адвокатската комора на Република Македонија објавува повик до адвокатите за аплицирање за обука за обучувачи во врска со членот 10 од Европската конвенција човекови права – слобода на изразување, која ќе се спроведува од страна на Советот на Европа во соработка со Адвокатската комора на РМ.

Обуката ќе се реализира во февруари 2017,  во рамките на тригодишниот проект на Советот на Европа за промоција на слободата на изразување „ЈУФРЕКС“, кој опфаќа шест држави/локации. Кандидатите кои ќе ја поминат обуката за обучувачи,  истакнуваат од АКРМ, ќе имаат можност да бидат дел од повеќе последователни обуки во врска со членот 10 од ЕКЧП, кои ќе бидат спроведувани од меѓународни и домашни експерти.

Aдвокатите кои се заинтересирани да учествуваат на обуката за обучувачи треба да ги исполнуваат следните критериуми:

  • желба за зголемување на своите познавања од областа на слободата на изразување;
  • желба и подготвеност да ги пренесуваат своите новостекнати знаења од областа на слободата на изразување во рамки на активности организирани од Адвокатската Комора на Република Македонија или поврзани со неа;
  • работно искуство поврзано со слободата на изразување (искуство како адвокат во застапување по предмети поврзани со слободата на изразување или како правник на работни задачи поврзани со слободата на изразување);
  • солидно познавање од Европската конвенција за човековите права;
  • солидно познавање на англискиот јазик;
  • подготвеност во рок од две недели од селекцијата да поминат неколкучасовен онлајн курс за зголемување на своите познавања во поглед на слободата на изразување;
  • подготвеност до моментот на одржување на обуката за обучувачи за проучување на работниот материјал за обуката (Прирачник за слободата на изразување, адаптиран на националниот контекст, со релевантната правна рамка и релевантната судска практика);
  • намирена членарина кон Адвокатската комора на РМ.

Доколку ги исполнуваат наведените критериуми повеќе кандидати од предвидениот број, како критериуми за избор при селекцијата ќе служат и степенот на познавање на предметната материја и релевантноста на работното искуство.

Адвокатската  комора на РМ ги повикува сите заинтересирани адвокати да испратат свое резиме/CV и мотивационо писмо (не подолго од една страница), на електронската адреса lawyermk@mba.org.mk  најдоцна до 20.12.16.