/ Прочитано:

1.866

СОС Детско село Македонија и УНИЦЕФ ја презентираа Иницијативата за воведување на моделот на социјални договори

„Социјалните договори создаваат можност за  подобар опфат на услуги, модернизација на услугите и соодветен кадар кој е обучен и мотивиран.  На тоа не смее да се гледа едноставно како на тендерска процедура, туку како на дел од комбинација на стратегии кои ги гарантираат достоинството и правичноста за сите граѓани кои имаат потреба од социјални услуги, без разлика каде тие се наоѓаат“, беше нагласено на денешниот настан на кој беше презентирана Иницијативата за воведување на моделот на социјални договори предложена од страна на СОС Детско село Македонија и УНИЦЕФ, којашто предвидува вклучување на приватниот сектор во давањето социјални услуги, како и изготвување законска регулатива која ќе ја уреди оваа дејност.

Иницијативата за воведување на моделот на социјални договори предложена од страна на СОС Детско село Македонија и УНИЦЕФ предвидува вклучување на приватниот сектор во давањето социјални услуги, како и изготвување законска регулатива која ќе ја уреди оваа дејност.

По тригодишна реализација на оваа иницијатива, денеска претставници на СОС Детско село Македонија и УНИЦЕФ ги презентираа документите кои произлегоа од неа, а потоа беа предадени на Министерството за труд и социјална политика.

Директорката на СОС Детско село, Јулијана Гапо, на денешниот настан истакна дека главен приоритет на Иницијативата се надградба и подобрување на националното законодавство.

„СОС Детско село Македонија покрена иницијатива за воведување на моделот на социјални договори во Македонија како начин за обезбедување на подобри социјални услуги, намалување на товарот на Владата во испораката на социјални услуги и зголемување на финансиската и програмската одржливост на граѓанското општество во земјата. Имајќи го предвид фактот дека воведувањето на механизмот за склучување на социјални договори е клучен елемент во овие системи, СОС Детско село во соработка со сите релевантни чинители му ги предава сите развиени документи кои го регулираат овој механизам на Министерството за труд и социјална политика, а тоа по прифаќањето ќе значи дека ќе има законски регулирана можност државата да ангажира приватни даватели на социјални услуги во системот за социјална заштита, со што ќе се постигне повисок квалитет на услугите, како и нивна поголема достапност  до граѓаните. Спроведените анализи, кои беа финансирани од УНИЦЕФ, покажаа дека влијанието и придобивките од воведувањето на моделот на социјални договори во нашата земја ќе бидат големи и многу позитивни“, подвлече Гапо.

Со моделот на социјални договори, како што рече Гапо, јасно се разграничени обврските на сите инволвирани  страни.

„Институциите ќе си ја задржат одговорноста за финансирање на услугите, ќе создаваат законска рамка за лиценцирање и регистрација на даватели на социјални услуги, ќе ги утврдуваат критериумите за квалитет, ќе ги следат резултатите и ќе реагираат кога ќе има потреба, ќе одлучуваат кој ги исполнува условите за давање вакви услуги и кој ќе ги обезбедува. “, нагласи Гапо.

Според претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, социјалните договори се една од мерките за квалитетна помош на социјално загрозените категории граѓани, но може да претставуваат и вид ризик ако недоследно се спроведат.

„Социјалните договори создаваат можност за  подобар опфат со услуги, модернизација на услугите и соодветен кадар кој е обучен и мотивиран.  Притоа постои ризик дека услугите ќе се пренасочат кон оние што се најпрофитабилни за давателот на услугите, но и за зголемено дистанцирање на владата, која ја носи главната одговорност за човековите права, од граѓанинот, како носител на тие права. На тоа не смее да се гледа едноставно како на тендерска процедура, туку како на дел од комбинација на стратегии кои ги гарантираат достоинството и правичноста за сите граѓани кои имаат потреба од социјални услуги, без разлика каде тие се наоѓаат, дали се од Скопје до Струмица или од Струга до Свети Николе. Услугите мора да бидат достапни за сите. Предизвиците, според истражувањата, се огромни. Околу 30 отсто од децата живеат во сиромаштија, има деца со попречености, деца кои се соочуваат со домашно насилство. Тоа е лошата вест, но добра вест е дека ако работиме заедно, можеме многу да ја подобриме ваквата реалност. Првиот начин е градење промена на очекувањата од заедницата најранливи граѓани, зајакнување на услугите и иновации кои ќе им помогнат на оние што имаат проблеми. Токму социјалните договори се пример за таква иновација“, посочи претставникот на УНИЦЕФ.

Софи Бомонт, програмски менаџер за образование, родова еднаквост и права за лица со попреченост во Делегацијата на Европската Унија, нагласи дека ЕУ е целосно посветена на промовирање на добрите практики во испораката на социјалните услуги во заедницата.

„Искуствата од цела Европа покажуваат како социјалните невладини организации, кои имаат експертски вештини и капацитет, можат да обезбедат разновидни квалитетни услуги, приспособени на потребите на ранливите групи на ниво на заедницата. Токму поради ова, со задоволство можам да кажам дека работата на СОС Детско село вклучува и донесување процедура за обука на локални граѓански организации и засегнатите чинители за разбирање на законодавната реформа во социјалните услуги. Потребна е поголема поддршка за градење на капацитетите на социјалните невладини организации во наредниот период“, рече Бомонт.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, оваа Иницијатива доаѓа во момент кога Министерството е исправено пред предизвикот да спроведе суштински реформи и најави донесување нова законска регулатива, која, како што рече, ќе биде целосно имплементирана во практика. Реформите ќе се базираат врз две клучни работи: социјалните трансфери кон граѓаните ќе бидат групирани и ќе се достигне ниво кое ќе дава ефект за извлекување од сиромаштија, како и регулирање на сите социјални услуги“, појасни министерката Царовска.

Заеднички беше заклучокот дека Владата треба да ги гарантира човековите права, да биде партнер и да работи заедно со цивилниот сектор и секогаш да обезбеди квалитетни социјални услуги.

А. Б.