/ Прочитано:

872

Состанок на секторската работна група за правда

Претставниците на правосудните институциите, заедно со  донаторската заедница и со претставниците на граѓанските организации и сите засегнати страни  во спроведувањето на реформите во правосудниот сектор, фокусирани на подготовките на земјата за членство во Европската Унија, одржаа трет работен состанок на секторската работна група за правда.

Воведни обраќања имаа министерката за правда, Рената Дескоска, и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

На состанокот беше презентирана Предлог-акциската програма за ИПА 2020,  во која се опфатени предлог-идеите од претставниците на секторската работна група, како и препораките од различни секторски извештаи – Извештајот за напредокот 2018 на ГРЕКО, Извештајот на Прибе, препораките од Венецијанската комисија.

Целта на оваа ЕУ-програма е да обезбеди натамошна поддршка во зајакнувањето на правосудните системи и внатрешните работи, како и почитувањето на човековите права.

Поконкретно, таа треба да придонесе кон подобрување на независноста, одговорноста, транспарентноста и капацитетот на сите чинители во правосудниот систем, спречување на корупцијата, борба против организираниот криминал и тероризмот, зајакнување на човековите права и слободата на изразување.

„Министерството за правда ќе продолжи со водењето отворен дијалог меѓу сите засегнатите страни во процесот на спроведување на реформите во правосудната област во рамките на секторската работна група“, се вели во соопштението на Министерството за правда.