„Состојбата со енергетската (не)безбедност во Македонија“ — АНАЛИЗА НА „АНАЛИТИКА“
Автори: Андреја Богдановски, истражувач по безбедносни прашања и надворешна политика во „Аналитика“ и Ана Стојиловска, истражувач на програмата за Енергетика и инфраструктура во „Аналитика“.
„Енергетската безбедност и понатаму е едно од најдискутираните безбедносни прашања во ЕУ и особено во регионот на Западен Балкан. Македонија, како мала земја без излез на море, без сопствени ресурси на природен гас и нафта, земја – кандидат за членство во ЕУ и НАТО, се обидува стратешки да ја планира и да ја подобри својата енергетска безбедност. Иако се донесени повеќе релевантни документи кои имаат за цел подобрување на енергетската безбедност, фактите како неможноста за справување со голема побарувачка на електрична енергија како во февруари 2012, годишното зголемување на енергетската зависност и снабдувањето со природен гас од еден извор даваат сликата за една проблематична состојба со енергетската безбедност.
Освен тоа, една студија на Светскиот енергетски совет на тема одржливост ја рангира Македонија на 89-то место во однос на енергетска безбедност од 129 земји за 2013; при што од земјите во регионот полошо рангирани од Македонија во 2013 беа Србија (101) и Црна Гора (115), а подобро Албанија (87), Хрватска (66), Словенија (60), Грција (54), Бугарија (26), и Романија (9). Бидејќи енергетската безбедност е од суштинско значење за националната безбедност, потребно е подетално да се анализира нејзината состојба во Македонија и да се идентификуваат главните проблеми кои оневозможуваат подобра енергетска безбедност.
Затоа, овој труд презема од Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) четири димензии на краткорочна енергетска безбедност (иако истите се малку модифицирани во трудот за да се приспособат на ситуацијата во Македонија):
- Надворешни ризици – ризици поврзани со прекин на увоз на енергија;
- Надорешна отпорност – способност да се одговори на прекини во увоз на енергија со замена со други набавувачи и рути на снабдување;
- Домашни ризици – ризици кои произлегуваат во релација со домашно производство и трансформација на енергија;
- Домашна отпорност – домашна способност да се одговори на прекини во снабдување со енергија како резерви на гориво.
Овие аспекти сепак се искомбинирани со прашања од долгорочна енергетска безбедност, а се земени во предвид и македонските дефиниции за енергетска безбедност во соодветното законодавство. Методологијата вклучува анализа на релевантните стратегии и правни акти, статистички податоци, натписи во весници како и најновите геополитички промени во однос на енергетска безбедност…“
>> Целосниот текст на Анализата во прилог: „Состојбата со енергетската (не)безбедност во Македонија“