/ Прочитано:

463

„Состојбите во правосудството исправени пред старо-нови предизвици“ – мислење на Блупринт групата за Извештајот на ЕК

Мислење на Блупринт групата за делот кој се однесува на правосудството во Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година

Годинешниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на нашата држава во 2021, оценува дека кај динамиката на реформските процеси во правосудството постои „одреден напредок”. Ова отстапува од оценките дадени во извештаите за 2020 и 2019 година, каде што процесите беа оценети со „добар напредок”, што укажува дека годинава Комисијата е порезервирана во однос на реформските процеси во делот на правосудството. Во овој дел неопходно е да се забележи фактот дека во извештајниот период нашата држава се соочуваше со пандемијата предизвикана од КОВИД 19, што влијаеше на динамиката на одвивање на судските постапки.

Напредокот и оваа година, како и минатата година, се должи на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година (Стратегијата), со што понатаму се адресираат препораките дадени од Венецијанската комисија и групата на виши експерти за системските прашања за владеење на правото. Сепак, повторно е нагласена потребата од конзистентна и засилена имплементација на реформите предвидени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, со што посебно е потенцирано дека е потребна засилена имплементација на ревидираниот акциски план. Ваквата констатација на ЕК е во линија на наодите на Блупринт групата за правосудство утврдени во последната анализа за имплементацијата на Стратегијата каде што е наведено дека, целиот процес на спроведување на Стратегијата и акцискиот план за 2020 година беше делумно транспарентен и инклузивен, додека временската рамка за донесување закони, и покрај донесувањето на ревидираниот акциски план, беше во најголем дел пречекорена. Наодите во овој дел се исти и за процесот на спроведување на Стратегијата во првата половина на 2021 година.

Во своите анализи, Блупринт групата за правосудство, во однос на законите кои ги следи забележува дека инклузивноста/вклученоста на засегнатите страни, вклучително и на граѓанските организации во подготовка на закони е во одредена мера задоволено. Во извештајот ЕК забележува дека граѓанските организации продолжија да бидат активни и истите имаат важна улога во реформските процеси. Потребни се дополнителни напори за да се обезбеди понавремен, позначаен, транспарентен и структуриран консултативен процес со граѓанското општество.

Во однос на законодавната рамка за прв пат во делот на клучни препораки е нагласена и потребата од донесување на нов Закон за парнична постапка, како системски закон чија што изработка Блупринт групата ја оцени како инклузивна. Предлог – законот во овој момент се наоѓа во собраниска процедура. Комисијата особено упатува на внимание при донесувањето на новиот Закон за академијата за судии и јавни обвинители, да се запазат препораките на оценската мисија од 2018 година и АСЈО повторно да остане единствена точка за влез во судството и обвинителството, со што ќе се обезбеди фер и транспарентен пристап кон овие професии. Предлог – законот за Академијата за судии и јавни обвинители иако поднесен не беше донесен од претходниот парламентарен состав за да биде вратен на доработка во Министерството за правда. Во моментов истиот се наоѓа во собраниска процедура.

Воздржаноста на комисијата особено се забележува во однос на делувањето на Судскиот совет. Во минатогодишниот извештај особено беше потенцирана проактивната улога на Советот во чување на судската независност и непристрасност и неговата транспарентност и отвореност, додека во овој Извештај е нагласена потребата Советот да ја задржи својата улога како чувар на независноста и непристрасноста на судиите. Наодите на блупринт групата за правосудство укажуваат дека и покрај унапредувањето на правната рамка за надлежностите на Судскиот совет на РСМ, од големо значење е соодветна и доследна практична примена на законските одредби од страна на Судскиот совет на РСМ и особено унапредувањето на проактивноста во зачувување на независноста и непристрасноста на судската власт и при остварување на своите други надлежности (посебно дигитализација на судството, примена на ИКТ технологија во судството итн.).

Комисијата ги истакна заложбите на Здружението на судии и Судско медиумскиот совет за унапредување на транспарентноста во судството. Особено е значајно што во извештајот е нотирана потребата Советот на јавни обвинители да овозможи присуство на новинари на седниците.

Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. ЕК нотира дека во ноември и декември 2020 година се донесени новите Стратегии за човечки ресурси во судството и обвинителството. Но исто така е нагласена и потребата од нивна имплементација особено во делот на нови вработувања. Потребата од регрутирање на нови јавни обвинители ЕК ја истакнува во делот за борба против корупцијата.

И оваа година, како и години наназад Комисијата изразува загриженост во однос на буџетот доделен на судството и јавното обвинителство.  Имено, судскиот буџет во овој момент изнесува 19,5 ЕУР по глава на жител, наспроти просекот во Западен Балкан од 38 ЕУР по глава на жител, што е двојно помалку. Европската комисија исто така забележува дека буџетот доделен на судовите, јавните обвинителства и буџетот наменет за правна помош е намален за 8,3% , споредено со 2019 година. Во мај 2021 година на ЕНЕР е објавено известување за почеток на подготовка на Законот за судски буџет. Предвидениот процент од БДП кој е наменет за судската власт согласно Законот за судски буџет, години наназад не се реализира и не се исполнуваат мерките во Стратегијата во кои е предвидено зголемување на судскиот буџет.

Позитивен исчекор има во делот на алтернативно решавање на спорови, каде што во 2020 година, бројот на случаи решени по пат на медијација се зголеми за 55% во споредба со 2019 година. Новиот Предлог – закон за медијација има за цел понатаму да го унапреди концептот на медијација и во моментот се наоѓа во собраниска процедура. Меѓутоа, со цел целосно афирмирање на медијацијата, ЕК ја нагласува и потребата за промоција на истата. ЕК исто така ги поздравува напорите на Врховниот суд на РСМ и четирите апелациони судови за подобрување на конзистентноста на пресудите и усогласување на судската пракса.

Препораки за адресирање на предизвиците идентификувани во извештајот

Од анализа на содржината на извештајот произлегува дека голем дел од старите предизвици остануваат. Оцената во однос на напредокот претставува една опомена и во следниот период е потребно нашата држава особено да се фокусира на реформските процеси во делот на правосудството со интензивирање на реформите предвидени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Во овој контекст од суштинска важност е интензивирање на процесот на инклузивност, како и навремен, позначаен и транспарентен консултативен процес со граѓанското општество. Дополнително неопходно е:

  • Донесување на Законот за парнична постапка и Законот за академија за судии и јавни обвинители кои се во собраниска процедура. Во однос на Законот за академија за судии и јавни обвинители, комисијата апелира да  се запазат препораките на оценската мисија од 2018 година и АСЈО повторно да остане единствена точка за влез во судството и обвинителството, со што особено да се обезбеди фер и транспарентен пристап кон овие професии;
  • Судскиот совет да ја задржи својата улога како чувар на независноста и непристрасноста на судиите и да учествува активно во сите процеси кои се релевантни за судството;
  • Советот на јавни обвинители треба да овозможи јавност на седниците преку присуство на новинари, стручна јавност, граѓански организации како и други заинтересирани граѓани на своите седници. Советот за јавни обвинители особено треба да ја зголеми транспарентноста и да дава образложение за своите одлуки;
  • Да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и имплементација на Стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството, особено во делот на нови вработувања;
  • Зголемување на буџетот на судството и јавното обвинителство, како и буџетот за бесплатна правна помош. Очекуваме дека со следните измени и дополнувања на Законот за судски буџет целосно ќе одговорат на потребата од финансирање на судската власт и доследно ќе биде применуван во практика;
  • Афирмација на медијацијата со промотивни активности;
  • Подобрување на автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети АКМИС преку воспоставување на соодветно софтверско решение; и
  • Креирање и воспоставување на софтверско решение за автоматизирано управување со предмети во јавното обвинителство кое ќе ја унапреди ефикасноста во постапувањето со кривичните пријави, следењето на процесот на истрага и гонење и ќе овозможи пристап и обработка на податоци.

Европската комисија бара целосно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Тужбата за заштита на колективни интереси и права како усогласување на ЗПП со ЕУ регулативата

Во извештајот на ЕК забележано е донесувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата

Намалениот буџет за судскиот систем нотиран и во извештајот на Европската комисија

Да продолжи спроведувањето на Стратегијата за реформи на правосудството, се нотира во извештајот на Европската комисија

М.В