Социјалните работници ја идентификуваа потребата децата бегалци да бидат згрижени во семејства
Семејствата поминуваат посебна постапка за регистрација на згрижувачко семејство кое ги обезбедува сите услуги наменети за децата без родители и родителска грижа, во согласност со законот. Постапката се состои од четири фази кои опфаќаат прелиминарни разговори со тим од социјални работници, обуки, регистрација на семејството и соодветно сертифицирање. Што се однесува до непридружуваните или разделени деца мигранти, до овој момент преку Центарот за социјална работа не е извршено упатување на малолетници без придружба до згрижувачките семејства.
Преглед на состојбата со бегалците и споредба на системите во Република Македонија и Република Србија, примањето во семејства, регрутацијата на семејства што згрижуваат и нивна проверка, беа дел од темите на обуката „Згрижувачки семејства како облик за заштита на непридружувани деца мигранти и бегалци“ што ја организираше Македонското здружение на млади правници. Во текот на дводневната обука во Белград, претставници од Холандскиот совет за бегалци, НВО „Група 484“ од Белград, правници од МЗМП и социјални работници од Меѓуопштинскиот центар за социјална заштита на Град Скопје, разговараа за системот за згрижување во семејства на непридружувани и разделени деца, како и за улогата на старателот во овој процес.
Посебно внимание беше посветено на сесијата што се однесуваше на соодветното спојување на непридружувани деца мигранти и семејството, како и на водењето за време на сместувањето.
Катерина Савовска од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје истакна дека во Македонија се регистрирани околу 180 семејства каде што се згрижени околу 280 деца без родители, но тоа се деца без родителска грижа кои се родени и кои потекнуваат од територијата на Македонија.
„Ваквите семејства поминуваат посебна постапка за регистрација на згрижувачко семејство кое ги обезбедува сите услуги наменети за децата без родители и родителска грижа, во согласност со законот. Постапката се состои од четири фази кои опфаќаат прелиминарни разговори со тим од социјални работници, обуки, регистрација на семејството и соодветно сертифицирање. Што се однесува до непридружуваните или разделени деца мигранти, до овој момент преку Центарот за социјална работа не е извршено упатување на малолетници без придружба до згрижувачките семејства“, истакна Савовска.
Основна причина за ова, како што рече Савовска, е јазичната бариера, со тоа што е речиси невозможно да се ангажира преведувач достапен 24 часа, потоа, семејствата не ги задоволуваат потребите на децата мигранти од причини поврзани со локалната култура, условите во домовите, традицијата, обичаите и слично.
„Во овој момент не постои воспоставена програма за обука на згрижувачки семејства, која би се однесувала конкретно на грижата на децата мигранти. Во однос на сместувањето, старателите на децата постапуваат по интервентни процедури и прават напори да ги поврзат децата со нивните матични семејства. Од причина што овие процедури во пракса траат подолго, се идентификува потребата за сместување на овие деца во згрижувачки семејства. Во наредниот период, доколку во Македонија останат непридружувани деца бегалци или доколку дојдат нови, за Македонија ќе биде вистински предизвик да регрутира нови семејства кои ќе ги згрижуваат овие деца. Во западноевропските земји ова е востановена пракса бидејќи таму со години наназад живеат семејства кои мигрирале токму од земјите од каде што доаѓаат непридружуваните деца – од Сирија, од Авганистан и така натаму. Кога е детето згрижено во семејство во кое нема ниту јазична бариера, ниту културни или религиозни разлики, тогаш многу полесно се интегрира во општеството“, нагласи Савовска.
Алтернатива за згрижување на децата се просториите за сместување ранливи категории лица, одредени од страна на МТСП, каде што обично се сместуваат и баратели на азил од ранлива категорија, како на пример: бремени жени, мајки, самохрани родители итн. Во овие објекти згрижените лица, кои се веќе таму, имаат улога привремено да го заменат семејството на детето. Од овие причини децата се згрижуваат врз основа на земјата на потекло и јазикот кој го зборуваат и го разбираат.
Ако не соодветствува ниту еден од наведените облици за заштита на детето со потребите на детето, тогаш се применуваат други облици за заштита, односно се користат ресурси, како на пример Домот за згрижување на деца без родители.
А. Б.