/ Прочитано:

1.109

Совет на Еропа: Македонските судови поефикасни, бракоразводните парници најбрзи во Европа

Четврток, 20 септември 2012 – Според извештајот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа македонскиот правосуден систем бележи позитивен развој. 

– Евaлуцијата во „поранешната југословенска Република Македонија“, слично како и во некои други земји од Југоисточна Европа, забележува пред сé позитивна еволуција, пред сé во структурирањето и организацијата на правосудниот систем. Земјата се наоѓа во просекот на земјите од регионот, оценува Стефан Лејенберже, секретарот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа.

Извештајот на Советот на Европа на 458 страници нуди споредбени табели и анализи во повеќе области, како буџетот кој се издвојува за правосудниот систем, организацијата, бројот и составот на вработените во правосудниот систем, времетраењето на судските процедури, бројот на адвокатите, родовата застапеност кај судиите и обвинителите, начинот на кој се регулира односно решава приливот на предмети, користењето на новите технологии во правосудните процедуир (е-правда) итн.

– Кога ќе се погледне дека Македонија издвојува 14 евра годишно по жител за правосудството, споредбата со Франција нема смисол. Но, тоа може да се споредува со она што го издвојува Србија, Босна и Херцеговина, односно Македонија издвојува повеќе од Албанија или Молдавија. Таа се наоѓа во просекот на земјите од регионот, нагласува Стефан Лејенберже.

Комисијата за ефикасност на правосудството, според податоците кои и беа доставени, направи и оценка на ефикасноста во работата на судовите, меѓу кои и на македонските.

Од статистиката се гледа дека во првостепените судови во Македонија за решавање на еден предмет се потребни во просек 259 дена, односно таа е во средината на Европа. Македонија е земјата каде парниците за развод на брак се најбрзи во Европа, само 117 дена во 2010 година.

Македонија со бројот адвокати е под европскиот просекот, но затоа со судии е на врвот 

Македонија со 1,7 судови на 100.000 жители се наоѓа во европскиот просек на територијалната застапеност на судовите. Но, ако се погледне бројот на судиите, 32,3 на 100.000 жители, Македонија е на врвот во Европа. За споредба, во Германија има 23,4, додека во Франција 10,7 судии. Но затоа пак, со само еден вработен како асистент за двајца судии, Македонија е на дното. Со 3,2 адвокати на еден судија, Македонија е под европскиот просек.

Целта на извештајот како што се наведува, не е да се направи рангирање на 47 земји членки на Советот на Европа. Тој е инструмент ставен на располагање на државните власти, за тие да можат да направат споредба со другите држави.