/ Прочитано:

2.708

СОВЕТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ: Петар Аневски поднесе оставка, Лилјана Спасовска определена за в.д. јавен обвинител

Денеска Советот на јавните обвинители ја определи обвинителката Лилјана Спасовска за вршител на должноста јавен обвинител.  Претходно Спасовска беше поставена за заменик во случај на спреченост или отсуство на републичкиот јавен обвинител.

Според законската постапка, доколку на јавниот обвинител на Република Македонија му престане функцијата или е разрешен од неа, Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето јавен обвинител на Република Македонија.

Обвинителката Лилјана Спасовска ќе биде в.д. јавен обвинител до изборот на нов државен јавен обвинител, кој се очекува да заврши по изборите. Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторно именување.

Во Законот за Јавното обвинителство се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Новина во Советот за јавни обвинители е и поднесувањето на оставката на претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски. Според информациите, Аневски оставката ја поднел поради семејни причини, но тој и понатаму останува член на Советот. Според Законот за Советот на јавни обвинители на РМ, Советот за јавни обвинители е составен од 11 члена и со него раководи претседател.

Претседателот на Советот се избира од членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови со тајно гласање.

М.В