/ Прочитано:

1.546

СОВЕТ ЗА УТВРДУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ НА СУДИИТЕ: Формирана Комисијата што ќе го спроведе изборот на пензионирани судии кои ќе седнат во новото правосудно тело

Судскиот совет на РМ (ССРМ) денеска на седница донесе одлука за објавување на оглас за избор на членови на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија и истовремено од своите редови ја формираше  Комисијата што ќе го спроведе првиот избор на пензионирани судии, обвинители, адвокати и универзитетски професори, кои ќе седнат во ова ново правосудно тело. Законот предвидува тие да се избираат на непосредни и тајни избори од страна на сите судии од Македонија, со тоа што првиот избор го спроведува Комисијата од ССРМ, а секој нареден пат Комисија формирана од самото тело. 

За претседател Комисијата едногласно  е избран судијата Влатко Самарџиски, додека за потпретседател – Бекир Шаини. Во спроведувањето на изборот на телото, кое ќе утврдува одговорност кај судиите, како член на Комисијата ќе учествува и експретседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска. За членови на Комисијата исто така избрани се Беким Реџепи, Јелица Крстевска, Зоран Караџовски и Мери Дика како заменик-член.

Огласот трае 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а од денот на неговото распишување до денот на изборот мора да поминат најмалку 30 дена.

Советот во согласност со Законот треба да биде составен од 9 члена на кои им се забранува политичко организирање и дејствување,  и тоа:

  •  три  члена од редот на пензионирани судии со непрекинат судиски стаж од над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот судиски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија;
  •  три члена од редот на пензионирани јавни обвинители со непрекинат јавнообвинителски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот јавнообвинителски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија;
  • два члена од редот на пензионираните универзитетски професори  на правен факултет на универзитетите во Република Македонија, со  непрекинат универзитетски стаж на редовен професор над 15 години, со истакнати резултати и објавени научни трудови во своето работење, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
  • еден член од редот на пензионираните адвокати со непрекинат адвокатски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кој за време на својот адвокатски стаж не бил дисциплински санкциониран.

Кандидатите исто така треба да имаaт  положено тест за интегритет и психолошки тест.

Советот ќе има надлежност: да расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните,  правните лица, претседатели на судови  за работата на судиите или претседатели на судови, како и за одолжување на судските постапки, како и по допрен глас или други добиени сознанија за работата на судиите или претседатели на судови;  да прибавува податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата; да прибавува  податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата кои се наоѓаат кај државен орган, кај орган на единицата на локалната самоуправа или кај физичко или правно лице на кое му е доверено вршење на јавни овластувања, кои се должни без надомест да ги достават до Советот во рокот определен во барањето; да врши непосреден увид во судски списи и други списи и досиеја кои се од интерес на Советот за утврдување на фактите  во врска со наодите во иницијативата, да ги разгледува извештаите на Судскиот совет на Република Македонија за работата на судиите и судовите итн.

Со работата на Советот раководи претседател. Претседателот на Советот, чиј мандат трае две години без право на повторен избор, се избира од редот на членовите на Советот со мнозинство гласови од членовите. Мандатот на членовите трае четири години без право на уште еден избор.

Плати како и во Судскиот совет

Средствата за работа на Советот се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на „Судската власт”.

Платата на претседателот на Советот е соодветна на платата на претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, а на членовите на Советот соодветно на платата на членовите на Судскиот совет на Република Македонија.

Според Законот за исплата на платите на членовите на Судскиот совет на РМ, основната плата на претседателот изнесува приближно 90 илјади денари, додека на членовите – приближно  83 илјади денари.

Жестоки реакции во јавноста и претставка до Уставен

Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, што го усвои по скратена постапка Собранието на РМ во февруари годинава,  наиде на жестоки реакции во јавноста.

Според Хелсиншкиот комитет, овој Закон, кој е донесен без стручна и јавна расправа, е спорен од три аспекти. Како еден од нив е посочен токмуспроведувањето на првиот избор на членови на Советот од Комисијата формирана од ССРМ. Според Комитетот, на Судскиот совет на овој начин му се наметнуваат нови неуставни надлежности.

„Законодавецот во преодните и завршни одредби (членот 52) од Законот предвидел дека првиот избор на членови на Советот за утврдување на факти ќе го спроведе Комисија формирана од Судскиот совет на РМ во состав од пет члена. Како претходните, така и овие одредби се неуставни од причина што во уставно предвидените 5 надлежности на Судскиот совет на РМ не е предвидена негова изборна  функција, а уште помалку од страна на само една третина од неговото членство. На овој начин му се наметнуваат нови неуставни надлежности на Судскиот совет на РМ, а се суспендира волјата на сите судии кои членовите на Советот за утврдување на фактите ќе можат да ги избираат единствено по неговиот прв состав“, констатираат од Хелсиншкиот комитет.

Другите два аспекти се однесуваат на улогата на Советот да отфрла иницијативи, што според Комитетот е во спротивност со амандманот XXIX на Уставот на РМ, а се укажува и на директна дискриминација врз основа на возраст.

Во врска со членот 6 од Законот  кој предвидува само пензионирани кадри да можат да бидат членови на Советот, Демократскиот сојуз веќе достави Иницијатива до Уставниот суд за покренување постапка за оценување на уставноста.

„Ваквата одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, и е во спротивност и со членот 104 од Законот за работни односи, каде што е предвидено да му престане работниот однос на работникот со 64 години, односно со 67 години старост. Инаку, на судиите, како и на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, мандатот им завршува со исполнување на условите за пензија, така ваквиот исклучок е нелогичен, без оправдување и се коси со уставните определби за достапност на секое работно место на сите граѓани. Покрај тоа, членовите на овој Совет, во суштина, како пониско тело на Судскиот совет на Република Македонија, во постапката за утврдување на одговорност на судиите треба да извршуваат работи за кои се бара стручност, но и исклучителен напор при обезбедување на податоци и докази неопходни за поведување постапка за одговорност на судиите“, посочуваат од Демократскиот сојуз како подносители на Иницијативата.

Поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и актуелна судијка во Уставниот суд во БиХ, Маргарита Цаца Николовска, пак, во интервју за Академик законското решение го оценува како апсурдно.

„Каде постои тој Совет? Врз основа на што се формира тој Совет? Ниту има основа во Уставот, ниту, пак, тој Совет може да биде нешто што е контрола на Судскиот совет. Контролата на работата на Судскиот совет би требало да биде Уставниот суд, како што се предвидува. Другата страна е што таа контрола не може да се врши на овој начин. Советот за факти треба да утврдува факти, да предлага што да прави Судскиот совет. Ова е само уште еден доказ дека постои можност преку овој Совет за факти да се прави нешто друго или, пак, да се одолжува постапката во недоглед. Каде ќе ги бара податоците овој Совет? Каде ќе истражува? Што ќе биде во тој случај Судскиот совет? Тој нема да има обврска да утврдува? Ќе го презема само ова што е утврдено? Апсурди невидени“, вели таа.

Ќе се бира нов претседател на Вишиот управен суд

 На денешната седница на Судскиот совет на РМ, исто така, беше донесена одлука за објавување оглас за избор на претседател на Виш управен суд. Мандатот годинава ѝ истече на Розалиа Кочковска, која беше назначена на оваа функција во 2011 година.

На седницата се расправаше и по претставките и поплаките од граѓаните и од правните лица за работата на судиите и на судовите, поднесени до Судскиот совет на Република Македонија.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 17.04.2015