Совети до адвокатите за водењето на правната пракса
Како еден од најважните маркетиншки совети за почеток на секој бизнис, па и на адвокатурата, е советот адвокатот да има своја интернет-страница, каде што заинтересираните странки ќе можат да се запознаат со услугите што ги дава тој, односно неговата адвокатска канцеларија.
Американската веб-страница smallbiztrends.com, која функционира како сервис за информации поврзани со водењето бизнис, објавила неколку совети наменети за адвокатите во врска со тоа како полесно да го водат својот бизнис, односно својата правна пракса.
Најпрво, според нив, адвокатот треба да избере специфична област на работа наместо да талка од област во област, што само ќе му создаде збрка и залудно губење време и пари. Ова насочување на една област на работа е добро и за создавање име на пазарот. Доколку адвокатот е специјализиран во областа на даноците и доколку тие услуги успешно ги презентира, заинтересираните клиенти ќе го одберат токму него знаејќи дека токму тој е специјализиран и искусен во конкретната област.
Понатаму, важно е адвокатот да создаде листа на клиенти со кои работи и со кои сака да работи во иднина, кои се занимаваат со специјализираната област во којашто работи тој, бидејќи така ќе се фокусира на она што го знае најдобро наместо да работи сè одеднаш, што секако води до организациски хаос.
Како еден од најважните маркетиншки совети за почеток на секој бизнис, па и на адвокатурата, е советот адвокатот да има своја интернет-страница, каде што заинтересираните странки ќе можат да се запознаат со услугите што ги дава тој, односно неговата адвокатска канцеларија. Доколку е целта да се следат модерните трендови со маркетингот и да се остане во чекор со другите конкуренти, адвокатурата мора да биде презентирана на интернет. Исто така, за да се истакнете од другите, на интернет-страницата може да поставите бесплатна правна литература, кратки совети кои клиентите најчесто ги бараат наместо само грубо да наброите информации за вашата адвокатска канцеларија.
Поврзување со локалните стопанственици и давање совети околу правните работи поврзани со работењето на компаниите. Овој совет може само да донесе придобивка за вас и за вашата адвокатска канцеларија. На овој начин ќе се создадат нови бизнис- релации, потенцијални нови клиенти и препорака од стопанствениците за вашите правни услуги.
За крај, не изостанува ни советот поврзан со човечките односи помеѓу адвокатот и клиентите. Главната поента на работата со странки е да се фокусирате на тоа тие да бидат задоволни од вашите услуги. Со цел вашите сегашни клиенти да ве препорачаат на други, многу е важно да бидете сигурни дека клиентот е задоволен од вашите услуги. Поради тоа уште на почетокот од вашиот деловен однос треба да бидете искрени во однос на тоа што можат да очекуваат клиентите од предметот кој ви е даден за работа, редовно да ги известувате до која фаза на постапување е и во никој случај да не ветувате работи што не можете да ги исполните.