/ Прочитано:

1.984

Советот на јавни обвинители го прифати предлогот на Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски

Советот на јавни обвинители на денешната седница со мнозинство гласови го прифати предлогот на Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, изјави дека членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјасниле по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија.

Додаде дека мислењето ќе го достават до Владата заедно со краткото образложение, а потоа заедно со предлогот за разрешување тоа треба да биде испратено до Собранието на РМ.

Во член 67 од Законот за јавното обвинителство се пропишува дека Владата на Република Македонија, по претходно мислење од Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија.

Јавниот обвинител на Република Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот: поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата; ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата; ако не поднесува барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон и поради нарушување на угледот на функцијата.

Законските одредби за разрешување на јавниот обвинител на РМ по предлог на Владата на РМ

М.В