/ Прочитано:

1.781

За отстранувањето од работа на обвинителките од Специјалното јавно обвинителство

Советот на јавни обвинители ќе го има последниот збор за отстранувањето на Ѓоргева и Кадриу

Претседателот на Комисијата за утврдување на релевантноста на изјавите на обвинителките и изјавите на Јанева смета дека постои правна празнина поради која е неизвесно каква одлука може да донесе Советот во ваков случај.

katica janeva vtora

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска даде изјава пред членовите на Комисијата за утврдување на релевантноста на изјавите на обвинителките кои беа отстранети од работа.

Советот за јавни обвинители минатата недела ја формираше Комисијата која, како што истакна нејзиниот претседател и член на Советот, Сашо Василевски, ќе има само улога да ги утврди фактите и да му ги презентира на Советот кој ќе ја има конечната одлука во однос на новонастанатата состојба.

По завршувањето на состанокот со Комисијата, Јанева не сакаше да открива детали од разговорот и истакна дека пред членовите ја образложила законската можност врз основа на која се повикала при ваквата одлука.

„Членовите на Комисијата се интересираа во врска со начинот на кој постапив при одлуката за отстранување на обвинителките. Членовите на Комисијата ме прашуваа за околностите под кои е донесена мојата одлука, а понатаму Советот треба да донесе одлука врз основа на мојата изјава и врз основа на изјавите на моите колешки. За тоа дали има можност тие да останат во Специјалното јавно обвинителство, треба да ја почекаме одлуката на Советот“, рече Јанева.

katica janeva 1

Специјалната обвинителка потенцираше дека обвинителките не одат на работа.

Јанева не сакаше да прејудицира каква одлука ќе донесе Советот или претседателот на Комисијата, Василевски, според кого постои правна празнина во Законот за специјалното јавно обвинителство околу надлежноста во постапувањето во вакви случаи.

„Од содржината на изјавите на двете страни не би се впуштал во дискусија, но многу интересен момент е правната судбина на двете колешки и ова е мој личен став дека итно е потребна амандманска интервенција во постојниот Закон за СЈО, за во иднина да не се доведеме во ситуација ние, како Совет, и пошироката јавност и новинарите, да толкуваме како Советот ја опструира работата на Специјалното јавно обвинителство “ вели Василевски.

komisija

Според Василевски постои правна празнина меѓу Законот за специјално јавно обвинителство и Законот за јавно обвинителство каде што постојат два системи на разрешување – разрешување или отказ на обвинителот. Во конкретниот случај, смета Василевски, Јанева правилно ги користи одредбите од Законот за СЈО повикувајќи се на намалениот обем на работа, но никаде не е предвидена постапка при ваков случај.

Иако Василевски не сакаше да се впушта во тоа каква би била можната одлука на Советот, вели дека во моментов обвинителките Марија Ѓоргева, која доаѓа од Основното јавно обвинителство Скопје, и Лејла Кадриу, која доаѓа од Основното јавно обвинителство Тетово, сѐ уште се водат во Специјалното јавно обвинителство и дека Јанева потенцирала во изјавата дека нема забелешки на нивната работа, туку дека тие биле отстранети поради намалениот обем.

„ Обвинителките инсистираат да се активира институтот мирување и тие да бидат вратени во нивните матични обвинителства“, вели Василевски.

komisja prva

Јанева не сакаше да коментира за кривичните пријави, кои викендов беа поднесени против лица од тимот на Специјалното јавно обвинителство, за предметите кои се во работа, како и за сите други прашања поврзани со постапувањето по предметите, ќе биде одржана прес-конференција.