Советот на странски инвеститори ќе гo поддржи кариерниот развој на најдобрите поединци
Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во периодот од април до август 2018 година, организира проект: „Ден со македонските водечки извршни директори”.
Според Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори, главната цел на проектот е десет млади амбициозни луѓе од Македонија да поминат еден ден со македонските водечки извршни директори, со што ќе добијат ретка можност да се запознаат со тоа како изгледа работниот ден на еден врвен менаџер, што значи квалитетно навлегување во процесите на водењето компанија, како и стекнување нови знаења, практични искуства и вештини, кои ќе придонесат за развој на нивниот претприемачки дух.
Од Советот посочуваат дека со учеството во проектот извршните директори ја докажуваат својата посветеност да го поддржат кариерниот развој на најдобрите поединци, кои еден ден ќе ги преземат лидерските позиции во македонските компании, обезбедувајќи им не само знаење, туку и практични вештини и искуства.
Програмата е наменета за студенти на додипломски, постдипломски или докторски студии на науки од областа на организациски менаџмент, човечките ресурси, бизнис-администрацијата или од областите директно поврзани со примарната дејност на компаниите кои ќе бидат посетени.
„Советот на странските инвеститори и неговите членови – странските компании во земјава, преку Проектот за поврзување со младите таленти и идните лидери и претприемачи ја презема улогата на генератор на современи практики, технолошки иновации и нови знаења во насока на воспоставување мрежа на лидери и следбеници. Аплицирањето е по пат на пополнување на онлајн апликацијата на страницата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија: www.fic.mk, најдоцна до 5.4.2018 година, а целиот проект трае до крајот на август 2018 година, кога ќе се реализираат средбите со успешните менаџери и бизнис-лидери од странските компании во земјава“, додаваат од Стопанската комора на РМ.
М.В