/ Прочитано:

1.158

Советот за безбедност на ОН ќе заседава за Северна Кореја

Денеска Советот за безбедност на ОН ќе заседава во врска со нуклеарната проба на Северна Кореја, по барање на САД, Јапонија, Велика Британија, Франција и Јужна Кореја, соопшти мисијата на САД во ОН.

Северна Кореја вчера изврши шеста и најсилна нуклеарна проба, соопштувајќи дека детонирала унапредена хидрогенска бомба за ракета со долг дострел, што предизвика бурни реакции ширум светот.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди нуклеарното тестирање на Пјонгјанг, оценувајќи го како „длабоко дестабилизирачко за регионалната безбедност“ и го повика севернокорејското раководство да прекине со таквите потези.

„Овој чин е уште едно сериозно кршење на меѓународните обврски на Северна Кореја и ги поткопува меѓународните напори за неширење нуклеарно оружје и разоружување“, се наведува во соопштението на Гутереш.