/ Прочитано:

1.250

Советот за факти се очекува да почне со работа во јануари – адвокатот Сашо Поцевски избран за претседател

Пензионираниот адвокат Сашо Поцевски ќе раководи со првиот состав на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Тој неодамна, на констутивната седница на телото, едногласно бил избран од останататите членови за претседател. Судиите, пак, вчера го избрале Симеон Гелевски за член на Советот од редот на пензионираните универзитетски професори. Сепак, новото  тело, кое најверојатно ќе почне со работа во јануари, останува засега кусо за еден член од редот на професорите од припадниците на заедниците кои не се мнозинство.

pravosutstvo2

Според Поцевски, речиси сите услови за работа новото тело се обезбедени. Од Судскиот совет, како што посочува, треба да им бидат предадени околу петстотини предмети по претставки, односно секоја претставка која во Судскиот совет  е примена по 20 мај 2015 година, кога почна да се применува Законот за Советот за факти.

„Сите услови  за работа речиси се обезбедени. Имаме простории кои се наоѓаат на Кеј Димитар Влахов во објектот на старата зграда на Комерцијална банка, документите за регистрација се поднесени и според моја слободна проценка би требало да почнеме со работа во втората половина на јануари“, вели тој за Академик.

Пензиониран професор од редот на малцинските заедници никако да се избере

Новото тело останува засега кусо за еден член од редот на пензионираните универзитетски професори, што според Поцевски и Судскиот совет не преставува законска пречка тие да почнат да работат. Имено, вчера од страна на судиите како единствен кандидат за ова место бил избран Симеон Гелевски, додека  за избор на член од редот на професорите од припадниците на заедниците кои не се мнозинство, како што велат од Судскиот совет за Академик, ќе се распише нов, четврт, оглас бидејќи ниту еден од досега пријавените кандидати не ги исполнувал условите.

„Комисијата формирана во рамките на Судскиот совет на Република Македонија на ден 28.12.2015 година, во сите судови на Република Македонија спроведе постапка за избор на член на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија од редот на пензионираните универзитетски професори.

Врз основа на сумираните резултати од гласањето, Комисијата  утврди дека на одржаните избори од 573 судии запишани во Судскиот изборен именик гласале 502 судии. Од вкупниот број на судии кои гласале кандидатот Симеон Гелевски доби 435 гласа, од кои 67 гласачки ливчиња се неважечки“, истакнуваат од Судскиот совет.

На последниот оглас, кадидатот од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство  не го исполнувал условот кој предвидува непрекинат стаж од над 15 години во професијата.

Токму членот 6 од Законот за Советот за утврдување на факти каде се опишани условите за да се биде член на ова тело беа предмет на жестока дискусија и во Уставниот суд. Иако иницијативите за оценка на овој член беа отфрлени и Уставниот суд одлучи дека нема противуставност, според дел од судиите, очигледни се елементите на дискриминација во Законот. Судијката Гзиме Старова, уште на седницата посочи дека професори од малцинските заедници кои ги исполнуваат сите предвидени услови во законот речиси и да нема, а истовремено дека овие услови не се мерило за стручноста.

„Дали мислите дека можеме да најдеме професор од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Во мојата генерација многу ретко ќе најдете пензиониран професор со 15 години стаж како редовен професор, бидејќи магистратурите траеа по 4-5 години, докторатите 5-6, па додека те изберат за професор… Јас сум првата жена Албанка доктор на науки, а на Правниот факултет сум прв доктор на науки од албанска националност. Дури во 2002 бев избрана за редовен професор, а во 2008 за уставен судија и ете не стигнав да имам стаж од 15 години “, рече таа.

На гласањето за избор на членовите на Советот за утврдување на факти што се одржа на 10 јули годинава,  од вкупно 594 судии излегоа 535, а неважечки беа дури 160 ливчиња.  Од редот на пензионираните судии беа избрани Јордан Лазаров, Злата Стамболиска и Фатон Пачуку. Од редот на пензионираните обвинители беа избрани Иван Јакимовски, Кире Секуловски и Фета Исени, додека од редот на пензионираните адвокати –Поцевски.  Според дел од од судиите, бројката од 160 неважечки ливчиња е показател дека судиите се спротиставуваат на формирањето на судското тело кое ќе ја оценува нивната работа.

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, согласно законот, е надлежен да утврдува  факти и донесува на одлуки за потребата од доставување на барање за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд пред Судскиот совет, кој повторно ќе го има крајниот збор.

>> СТАТУСОТ ПЕНЗИОНЕР ПРЕД СТРУЧНОСТА: Нема дискриминација во условот само пензионери да членуваат во Советот за факти – одлучи Уставниот суд