25 јуни, 2013 13:46
paula
/ Прочитано:
Советот за општи работи на ЕУ одлучува за Србија, ниту датум, ниту заклучок за Македонија
Вторник, 25 јуни 2013 – Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), денеска во Луксембург ги усвои заклучоците за претстојниот Самит на Европскиот совет што в четврток и петок ќе се одржи во Брисел. Одлуката за почеток на преговорите за членство на Србија во ЕУ ќе биде разгледана на Самитот на шефовите на држави или влади на членките на Унијата што ќе се оддржи в петок, информира германскиот министер за надворешни работи Гуидо Вестервеле. За Македонија нема ниту датум, ниту заклучок.
„Денеска не очекувајте заклучоци. Конечната одлука ќе ја донесат шефовите на држави или влади на крајот на неделата“ изјави министерот Вестервеле во Луксембург, каде се одржува состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ. Според шефот на германската дипломатија, не би требало да се очекува преговорите за членство на Србија во ЕУ да почнат пред јануари 2014 година.
Претходно, како што јави дописникот на МИА од земјата на Големото војводство, министрите за надворешни работи и европски прашања на земјите-членки на Унијата, според агендата на Ирското претседателство, а во однос на проширувањето се очекува да разговараат за можноста за доделување на датум за почеток на преговорите за членство на Србија и потпишување на Договор за стабилизација и асоцијација со Косово.
Сепак, покрај четирите последователни препораки на Европската комисија и на Европскиот парламент, Република Македонија денеска нема да добие ниту заклучок, ниту датум за преговори, иако формално таквиот предлог се наоѓа на денешната агенда. Според најавите, шефовите на дипломатиите денеска само треба да констатираат дека „за можното отворање на пристапните преговори ќе се одлучува на идниот Самит“, што е и констатација на последните состаноци на амбасадорите на ЕУ-земјите во рамки на КОРЕПЕР групата. Како што објаснија од Ирското претседателство, во Унијата не постои консензус за прашањето во врска со отворање на преговорите со нашата земја, а се работи за противење на Грција и Бугарија, со што и по осум години статус на земја-кандидат, Македонија ќе почека на заслужениот датум, пишува МИА.
Главна точка на денешната агенда на ГАК-от беше усвојување на нов предлог за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ), односно идниот седумгодишен буџет на Унијата (2014 – 2020), со оглед на тоа што последниот предлог на Советот од 960 милијарди евра беше одбиен од Европскиот парламент.