/ Прочитано:

902

Советот за реформа во јавната администрација бара институциите редовно да ги ажурираат своите стратешки документи

Во Владата на Република Македонија се одржа четвртата седница на Советот за реформа во јавната администрација, со која претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, а на која присуствуваа вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, директорот на Агенција за администрација, Спасе Глигоров, како и претставници на Националниот демократски институт (НДИ) во Република Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија ја потенцираше важноста на процесот за реформа на јавната администрација, истакнувајќи дека и предвиденото зголемување на платите на вработените во јавната администрација е дел од тие реформи.

„Потребен е јасен фокус за тоа каде се движи реформата, што е целта, односно што ќе се случува во јавната администрација во наредниот период, а од особена важност е граѓаните да бидат запознаени со сите детали од овој процес. Реформите во администрацијата мора да се спроведуваат на храбар и достоинствен начин, сѐ со цел да имаме продуктивна и поефикасна јавна администрација за сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Во рамките на Советот, директорот на Националниот демократски институт, Крис Хеншоу, и претставници на Институтот ја презентираа публикацијата „Предизвици и препораки за подобрување на законодавниот процес“. Во презентацијата беа опфатени препораките во делот на јакнење на капацитетите за пишување на закони во институциите, подобрување на координацијата помеѓу Владата и Собранието, потребата од усогласување на законите со европската легислатива, како и намалување на бројот на законски измени.

Публикацијата ќе биде претставена и на владина седница, каде што по усвојувањето ќе следува имплементација на насоките адресирани во документот.

На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот полугодишен извештај за спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација.

 

„Процесот на реформа е отворен процес, а со тоа за потребите на следењето, оценувањето и известувањето за Стратегијата се овозможува учество и на надворешни засегнати страни. На денешниот совет му претходеше јавна дискусија со претставници од граѓанскиот сектор и со сите засегнати страни. Извештајот покажува дека 27 активности се целосно спроведени, дека е во тек спроведувањето на 36 активности, а за останатите 9 активности се доцни со имплементација“, информираше министерот Манчевски.

Како што најави министерот Манчевски, во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на активностите, а годишниот извештај ќе содржи конкретни резултати.

На седницата на Советот беше усвоен полугодишниот извештај, а беше донесен заклучок тој да се презентира и на седница на Владата.

Премиерот Заев заклучи дека институциите треба да го следат Акцискиот план на Стратегијата за реформи во јавната администрација и навремено да ги спроведуваат активностите. Институциите треба редовно да ги ажурираат своите стратешки документи со цел да ги одразуваат преземените обврски за реформи во јавната администрација од Акцискиот план. Дополнително, членовите на Советот за реформа на јавната администрација треба да бидат во комуникација и координација со претставниците од нивната институција во Секретаријатот за реформи во јавна администрација, каде што на техничко/експертско ниво се разговара за статусот на имплементација на активностите од Акцискиот план.

Во насока на зголемување на транспарентноста во работата на Владата, на барањата за пристап до информации од јавен карактер доставени до институциите од страна на граѓанскиот сектор институциите треба да одговараат проактивно и да доставуваат целосни одговори.

М.В