/ Прочитано:

1.338

Советот за реформа во правосудството го отвори прашањето за „политички монтираните случаи“ и повторно ќе го разгледува Законот за амнестија

Во Министерството за правда се одржа петтиот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор на кој беа разгледани Предлог-законот за амнестија, Предлог-законот за изменување на Законот за Судски совет на Република Македонија и Предлог-законот за укинување на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

„Советот ја прифати идејата за носење на овие закони и заклучи Предлог- законот за амнестија повторно да биде разгледан од ова тело, бидејќи тој сè уште е на увид на јавноста, така што не се исклучуваат дополнителни промени врз основа на евентуално добиени забелешки и сугестии“, велат од Министерството за правда.

Во рамките на состанокот на членовите на Советот за реформа на правосудниот сектор, истакнуваат од Министерството за правда, се отвори и прашањето за „политички монтирани случаи“.

Размислувањата на членовите во Советот се во насока на донесување пропис со кој ќе се уреди ова прашање, како и наоѓање решение за начинот на кој ќе се утврди дали некој случај на кривично гонење ќе претставува предмет на повторно отворање на судскиот процес.

М.В