/ Прочитано:

1.467

Советот за утврдување на факти испрати соопштение до јавноста

„Сакаме да укажеме на широката јавност дека овој Совет обезбедува правна заштита за независно и самостојно работење на судиите, но и принципиелен и одговорен орган во случај кога постојат повреди и нестручно и несовесно работење на судиите и претседателите на судови. Работата на судиите и на претседателите на судови е под надзор на овој орган, во случаите кога граѓаните се обраќаат “, се наведува во соопштението испратено од Советот до јавноста.

Советот за утврдување на факти до јавноста испрати соопштение со следнава содржина:

Советот за утврдување на факти, на својата редовна седница одржана на ден 03.04.2017 година, донесе Одлука, да издаде соопштение до правосудната јавност и до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани,

Поттикнати од зачестени изјави на бројни јавни личности, истакнати функционери и поединци кои даваат изјави во јавните медиуми за непотребното постоење на Совет (орган) и барање за негово укинување, на јавноста го даваме следново објаснување:

– Советот е основан со Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија од месец февруари 2015;

– Согласно Законот, на Советот му е определена надлежност за утврдување на факти и донесување на одлука за потреба од доставување на барање за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, пред Судски совет на Република Македонија. Конечната одлука за одговорност на судија или претседател на суд ја донесува Судски совет на Република Македонија;

– Во Законот се определува дека членовите на Советот се избираат од редот на истакнати пензионирани правосудни кадри (судии, обвинители, професори и адвокати) кои ќе бидат имуни на политички, партиски и други притисоци во професионалното водење на постапките;

– Членовите на Советот беа избрани на непосредни и тајни избори од страна на сите судии од судовите на Република Македонија;

– По своето конституирање во февруари 2016 година, Советот отпочна со разгледување на бројни претставки и поплаки (иницијативи), поднесени од страна на физички и правни лица;

– За само една година професионално, стручно и одговорно работење, од страна на членовите на Советот беа обработени околу 1000 (илјада) претставки.

Сакаме да укажеме на широката јавност дека овој Совет обезбедува правна заштита за независно и самостојно работење на судиите, но и принципиелен и одговорен орган во случај кога постојат повреди и нестручно и несовесно работење на судиите и претседателите на судови.

Работата на судиите и на претседателите на судови е под надзор на овој орган, во случаите кога се обраќаат граѓаните.

Во последно време овој Совет стана трн во окото, особено на оние „недопирливите“ во судската фела, па отпочна хајка за негово укинување.

Ваквата состојба што се создава во медиумите и по порталите негативно и штетно се одразува врз нормалното работење на Советот.

Со почит,

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

Претседател,

Сашо Поцевски