/Прочитано:

740

Советување за етиката и превенцијата од корупција: Граѓаните треба да имаат доверба во правичноста на судските одлуки

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во согласност со Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на појавата на судирот на интереси, со акционен план 2016 – 2019 година, организираше советување на тема: „Превенција на корупцијата и судирот на интереси, добро владеење, интегритет и етика“.

На советувањето во врска со етиката и интегритетот во судовите, превенцијата на корупцијата и судирот на интереси, личниот и организацискиот интегритет, говореа судијката Милка Ристова и  Владимир Георгиев, државен советник во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Под корупција, во смисла на Законот за спречување на корупцијата, се подразбира „искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг.“ Тоа значи злоупотреба на доверените јавни овластувања и положба за да се дојде до корист која не би требало да му припаѓа на службеното лице и кое на јавните работи им пристапува од користољубиви мотиви. Користа може да биде материјална или нематеријална, моментална или одложeна, еднократна или повеќекратна, за себе или за други лица со кои службеното лице е во блиска, семејна или друг вид врска.

Етиката е клучна за превенцијата од корупција, и довербата во судството може да се гради само со судии кои се етични. Во јавноста, беше подвлечено на советувањето, е задржано сфаќањето дека моралните и етичките квалитети на судиите како професионалци треба да бидат на највисоко ниво, над просекот на средината во која живеат.

За да ја исполнат задачата што им е доверена, посочи судијката Ристова, судиите треба да уживаат целосна доверба кај граѓаните. Кога ќе се обрати пред судот за заштита на некое свое загрозено право, граѓанинот треба да очекува праведна и законита заштита на тоа свое загрозено право.

Професионалните и етички начела за професионален однос кон работата подразбираат дека судијата со судската одлука никогаш не треба да има чувство на рамнодушност кон пресудата што ја донел,  напротив треба има чувство на потполна одговорност. Во таа смисла, судската одлука, покрај тоа што треба да биде законита, треба да биде и легитимна.  Судските пресуди, нагласи Ристова, на позитивен начин треба да се восприемаат од јавноста, која пак треба да изрази доверба во законската заснованост и правичноста на таа одлука.  Сите критики на јавноста треба да се разгледуваат сериозно, а не да се игнорираат како недобронамерна критика под притисок на мал број случаи.

Несовршеноста на луѓето што ја носат судиската функција, проблемите во моралот и судиската етика имаат сериозно влијание врз довербата на граѓаните во судството. Правната култура на граѓаните, истакна судијката Ристова, постојано го зголемува своето ниво, па затоа сè помалку ќе се оправдуваат реалните проблеми како основа за неефикасност во работењето на судовите.

М.В